Законот, кој се однесува на даноците и владините трошоци, и опфаќа многу од клучните политички цели на Трамп, но го зголемува националниот долг за 3,3 трилиони долари, сега се враќа во Претставничкиот дом за конечно одобрување

Американскиот Сенат го усвои законот за даноци и владини трошоци на претседателот Доналд Трамп, познат како „еден голем, прекрасен закон“, пренесуваат светските медиуми.
По повеќе од 24 часа расправа и преговори во Сенатот, гласањето заврши со 50-50, а потпретседателот Џеј-Ди Венс го даде одлучувачкиот глас, кој според Уставот има право да гласа во случаи на еднаков број гласови. Републиканците Том Тилис од Северна Каролина, Ранд Пол од Кентаки и Сузан Колинс од Мејн гласаа против законот, заедно со сите демократи, пишува Би-би-си.
Законот, кој се однесува на даноците и владините трошоци, и опфаќа многу од клучните политички цели на Трамп, но го зголемува националниот долг за 3,3 трилиони долари, сега се враќа во Претставничкиот дом за конечно одобрување. Претходната верзија беше усвоена од републиканците во Претставничкиот дом со предност од еден глас.
Трамп му даде на Конгресот, контролиран од републиканците, рок до 4 јули да му ја испрати конечната верзија на законот за да го потпише и да стапи во сила, но навести и дека можеби ќе биде флексибилен во врска со тој рок.
„Законот како амандман е усвоен“,
рече Венс момент што беше дочекан со аплауз меѓу републиканците во Сенатот, додека демократите седнаа на своите места и ја тресеа главата во знак на неодобрување.
Претседателот Трамп го поздрави усвојувањето на „големиот, прекрасен закон“ од страна на Сенатот велејќи дека е „музика за моите уши“.
Изјавата на Трамп доаѓа откако веста за усвојувањето на законот на Трамп му ја соопштил новинар додека тој бил во посета на нов центар за притвор на мигранти во Флорида.
Трамп, како што пишува „Гардијан“, го пофалил својот потпретседател, Џеј-Ди Венс, кој го даде одлучувачкиот глас.
„Тој работи добро“,
рекол Трамп.
На прашањето каква е неговата порака до републиканците во Претставничкиот дом што не се согласуваат со промените што ги направи Сенатот во текстот, Трамп рекол:
„Ви кажува дека има по нешто за секого. … Тоа е одличен закон. Има по нешто за секого и мислам дека ќе помине многу убаво во Претставничкиот дом. Всушност, мислам дека ќе биде полесно во Претставничкиот дом отколку што беше во Сенатот“.