Палестинските претставници велат дека преговорите се тешки и без вистински пробив. Најголемите несогласувања постојат околу мапата на повлекување на Израел од Газа и барањето на Хамас за меѓународни гаранции дека војната нема да продолжи по првата фаза од договорот
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и советникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, денеска ќе се приклучат на преговорите за прекин на војната во Газа, кои изминатите два дена се одржуваат во Шарм ел Шеик во Египет, пренесува Би-би-си.

Нивното пристигнување доаѓа откако вториот ден од индиректните разговори меѓу израелските и палестинските делегации заврши без конкретен резултат.
Сепак, Трамп на брифинг со новинарите изјави дека е оптимист за постигнувањето мировен договор во Појасот Газа.
„Постои можност да постигнеме мир на Блискиот Исток“,
рече Трамп повторувајќи дека САД прават сè за да обезбедат почитување на мировниот план.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не коментираше директно за разговорите, но во објава на социјалната мрежа Икс рече дека Израел е во судбоносни денови на одлука.
Ги повтори целите на војната, како враќање на сите заложници, уништување на владеeњето на Хамас и гаранција дека Газа веќе не е закана.
Виткоф и Кушнер, според извори запознаени со преговорите, се очекува денеска да слетаат во Египет.
Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, кој има клучна посредничка улога, исто така ќе учествува во преговорите, а се очекува и присуството на шефот на турската разузнавачка служба.
Палестинските претставници велат дека преговорите се тешки и без вистински пробив. Најголемите несогласувања постојат околу мапата на повлекување на Израел од Газа и барањето на Хамас за меѓународни гаранции дека војната нема да продолжи по првата фаза од договорот.
Според истите извори, клучните точки на преговорите се: траен прекин на огнот, размена на заложници и палестински затвореници, повлекување на израелските сили од Газа, договор за хуманитарна помош и уредување на повоената администрација во Газа.
Главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја, кој неодамна беше цел на израелски напади во Доха, изјави дека дошол во Египет со цел сериозно и одговорно да преговара. Сепак, додаде дека гаранциите се клучни за постигнување договор.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика двете страни да го прифатат мировниот план на Трамп, оценувајќи го како историска можност за ставање крај на трагичниот конфликт.
Во август, Агенцијата за безбедност на храната на ОН објави дека повеќе од половина милион жители на Газа се соочуваат со катастрофални услови, вклучувајќи глад, сиромаштија и смрт.
Израелскиот премиер Нетанјаху постојано негира дека во Газа има глад, додека извештајот на комисијата на ОН заклучи дека Израел извршил геноцид, кој израелското Министерство за надворешни работи го нарече искривен и лажен.