За време на средбите во Генералштабот на АРМ, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски изразиле благодарност за досегашниот ангажман и личен придонес на генералот Најт, потенцирајќи ја соработката и 30-годишното партнерство помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт
Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кој од денеска е во официјална посета на земјава, го одликува началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, со Медал за истакната служба. Одликувањето се одржа на церемонија во Генералштабот, каде што Најт оствари средба со Лафчиски, со министерот за одбрана Владо Мисајловски и со амбасадорката Анџела Агелер.

Американскиот командант посочи дека одликувањето се доделува за извонредна и витална поддршка на Програмата за државно партнерство со САД. Во оваа смисла посочи дека лидерството и експертизата на Лафчиски имаат директно позитивно влијание врз напорите на земјава во постигнување на НАТО-целите како ценет партнер.
За време на средбите во Генералштабот, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, изразиле благодарност за досегашниот ангажман и личен придонес на генералот Најт, потенцирајќи ја соработката и 30-годишното партнерство помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт.
Била нагласена и важноста од понатамошното унапредување на заедничките активности, особено во рамките на развојот на „Криволак“, обуката на персоналот и меѓународните вежби.
Генералот Најт истакнал дека за него ова партнерство е извонредно искуство, додавајќи дека напредокот, заедничките постигнувања и професионализмот низ годините се впечатливи и вредни за признание.
Во знак на благодарност за успешната соработка и поради завршување на мандатот на Најт, на церемонијата во Генералштабот на Армијата тој од министерот Мисајловски и од генералот Лафчиски доби пригодни подароци.
Командантот на Националната гарда на Вермонт претходно денеска оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски, а средба е најавена и со претседателката и врховен командант, Гордана Сиљановска-Давкова.
