„Во време на зголемена меѓународна нестабилност, мора да се приближиме до нашите сојузници, а не да ги оттурнуваме“, порача демократскиот сенатор Крис Кунс, кој ја предводи единаесетчлената делегација конгресмени
Американска делегација составена од демократски и републикански конгресмени денеска треба да се сретне со лидерите на Данска и Гренланд во знак на поддршка на нивните напори да се спротивстават на аспирациите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за присвојување на арктичкиот остров, пренесуваат светските медиуми.

Автономниот остров Гренланд, кој е дел од Данска, се најде во фокусот на светската јавност откако американскиот претседател ги обнови своите закани за негово преземање, наведувајќи дека островот е клучен за безбедноста на САД поради неговата стратегиска локација и големите резерви на ретки минерали. Притоа, Трамп и Белата куќа како опција не исклучија и употреба на сила за преземање на островот.
Неговите закани предизвикаа загриженост и тензии во Европската Унија и во НАТО поради што дел од членките на одбранбената алијанса испратија свои трупи на Гренланд, кои ќе одржат т.н. извидувачки вежби со Данска.
Американската делегација која денеска патува во Копенхаген е составена од 11 члена, а ја предводи демократскиот сенатор Крис Кунс. Таа треба да се сретне со данската премиерка Мете Фредериксен и нејзиниот колега од Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.
„Во време на зголемена меѓународна нестабилност, мора да се приближиме до нашите сојузници, а не да ги оттурнуваме“,
рече Кунс во изјава даде претходно оваа недела.
Тој додаде дека делегацијата во Копенхаген ќе испрати јасна порака дека Конгресот е посветен на НАТО.
Во делегацијата, која во најголем дел е составени од демократи, се и републиканските сенатори Том Тилис и Лиза Мурковски.
Инаку, членовите на Конгресот пристигнуваат во Копенхаген по состанокот во Белата куќа во средата, каде што данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, се сретнаа со државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс.
Данските претставници претставници по состанокот изјавија дека не успеале да го променат ставот на американската администрација за стекнувањето на Гренланд и дека страните имаат фундаментално спротивставени гледишта за ова прашање.
Расмусен и Мотцфелд за време на престојот во Вашингтон, исто така, се сретнаа со американски пратеници за да добијат поддршка од Конгресот, додека Данска и Гренланд се обидуваат да решат дипломатската криза без преседан со нивниот сојузник во НАТО.
„(Ние сме) подготвени да соработуваме за безбедноста на Арктикот, но ова мора да се случи со почитување на нашиот територијален интегритет, меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“,
напиша Расмусен во објава на Инстаграм доцна вчера.
Трамп првпат ја изнесе идејата за стекнување на Гренланд во 2019 година за време на неговиот прв мандат, но се соочи со противење во Вашингтон, вклучително и од неговата партија.
Пратениците и од Републиканската партија на Трамп и од опозициските демократи изјавија дека ќе поддржат закон што би ја ограничил можноста на Трамп да го анектира Гренланд, што ја разгоре дебата околу овластувањата на Конгресот за воени прашања што ги има според американскиот устав.
Истовремено пред Претставничкиот дом е поднесен и закон со кој се поддржува анексијата на Гренланд. Инаку, само 17 проценти од Американците ги одобруваат напорите на претседателот Трамп да го преземе Гренланд, а големо мнозинство демократи и републиканци се противат на употребата на воена сила за анектирање на островот, покажа анкета на Ројтерс/Ипсос, која американскиот претседател ја нарече „лажна“.
