На прашањето дали би поддржал употреба на воена сила за преземање на островот, кој е автономна данска територија, Фајн рече дека смета дека најдобриот начин е Гренланд доброволно да се приклучи на САД
Републиканскиот конгресмен од Флорида, Ренди Фајн, претстави предлог-закон насловен како „Закон за анексија и државност на Гренланд“, што ќе му овозможи на американскиот претседател Доналд Трамп овластување да ги преземе потребните чекори за преземање на Гренланд и да го започне процесот на негово припојување кон Соединетите Американски Држави (САД).

Овој предлог доаѓа по најавите на Трамп за преземање на оваа данска територија.
Како што објави Фокс њуз, конгресменот Фајн изјави и дека Конгресот, сепак, ќе треба да одлучи дали да го прогласи Гренланд за 51. федерална американска држава, како и дека со законот што го предложил, како што вели, „едноставно ќе го овласти претседателот да го прави она што го прави и да каже дека Конгресот е зад него“.
„Мислам дека е во интерес на светот САД да имаат суверенитет над Гренланд“,
рече тој.
Според него, американското владеење би било подобро за оние што живеат во Гренланд.
„Стапката на сиромаштија во Гренланд е многу, многу повисока отколку во Данска. Земјата ја водат социјалисти и не е во интерес на Америка социјалистите да управуваат со толку голема територија помеѓу САД и Русија“,
вели конгресменот.
На прашањето дали би поддржал употреба на воена сила за преземање на островот, кој е автономна данска територија, Фајн рече оти смета дека најдобриот начин е Гренланд доброволно да се приклучи на САД.
Инаку, Уставот на САД му дава на Конгресот овластување да прима нови држави.
Од Конгресот се бара да донесе закон со кој се прогласува нова држава откако ќе се формира нејзината територија, по што територијата мора да состави државен устав одобрен од луѓето што живеат во неа.
Потоа, Конгресот мора повторно да гласа за да ја признае таа нова држава, пред конечно да стане дел од САД, со потпис на претседателот на САД.
