Овие активности, се додава во соопштението од американската Централна команда, ќе ги направат меѓународните води побезбедни за американската морнарица и трговските бродови

Пет беспилотни летала, кои биле лансирани од областите под контрола на јеменските бунтовници хути, соборила американската војска во Црвеното Море, се вели во соопштението од американската Централна команда (ЦЕНТКОМ).
Леталата, како што се наведува во соопштението, биле соборени со авион на американската војска кој бил помогнат од воен брод.
„Силите на ЦЕНТКОМ ги идентификуваа овие беспилотни летала кои потекнуваат од областите во Јемен контролирани од хутите и утврдија дека тие претставуваат непосредна закана за трговските бродови и за американската морнарица и бродовите на коалицијата во регионот“,
се наведува во соопштението на американската Централна команда.
Овие активности, се додава во соопштението, ќе ги направат меѓународните води побезбедни за американската морнарица и трговските бродови.
Хутите, кои го контролираат поголемиот дел од Јемен, почнаа да ги напаѓаат трговските бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив на 19 ноември во знак на протест против израелската воена операција во Газа.
САД и Велика Британија од минатиот месец почнаа со воздушни напади врз воените позиции на Хутите во Јемен, како што наведоа, заради намалување на способноста на бунтовниците да напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море.