Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин се состанаа минатиот месец на редок самит на кој разговараа за воени прашања, војната во Украина и можната руска помош за тајната сателитска програма на Северна Кореја
Белата куќа денеска објави дека Северна Кореја неодамна испратила пратка оружје во Русија, оценувајќи дека тоа е загрижувачки.
Белата куќа објави серија сателитски снимки на кои, како што тврдат американските власти, се гледа како пратката од севернокорејско складиште за муниција била натоварена на брод под руско знаме, а потоа транспортирана со железница до магацин во близина на југозападната граница на Русија. Испораката се одвивала помеѓу 7 септември и 1 октомври.
„Ја осудуваме Северна Кореја што ѝ ја испрати на Русија оваа воена опрема, која ќе се користи за напади на украински градови, убивање украински цивили и продолжување на нелегалната војна на Русија“,
изјави во петокот портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин се состанаа минатиот месец на редок самит на кој разговараа за воени прашања, војната во Украина и можната руска помош за тајната сателитска програма на Северна Кореја.
„За возврат за нејзината поддршка, Северна Кореја бара воена помош од Русија, вклучувајќи борбени авиони, проектили, оклопни возила и друга напредна технологија“,
рече Кирби.
Тој нагласи дека САД внимателно следат дали Москва ќе го испорача ова оружје.
„Нема да дозволиме Северна Кореја тајно да ѝ помага на руската воена машина. А светот треба да знае за помошта што Русија може да ѝ ја даде на Северна Кореја за возврат“,
рече Кирби.
