„Ќе ги разгледаме разузнавачките информации. За мене најважно е што велат американските разузнавачки служби, како и оние на нашите сојузници, за тоа дали овој напад навистина се случил“, изјави амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во НАТО, Метју Витакер, изрази сомнеж во руските обвинувања дека Украина ја нападнала резиденцијата на претседателот Владимир Путин, велејќи дека сака да ги види американските информации во врска со наводниот инцидент, пренесуваат светските агенции.

Според амбасадорот, засега нема доволно информации кои со сигурност би потврдиле дека навистина се случил таков напад, што ја прави целата ситуација нејасна.
„Не е јасно дали тоа навистина се случило. Се чини малку несоодветно да се биде толку блиску до мировен договор, а Украина навистина сака да преговара за мировен договор, а потоа да направи нешто што би можело да се смета за неодговорно и бескорисно“,
изјави американскиот амбасадор во НАТО во емисијата „Варни и Ко.“ на Фокс бизнис.
Официјална Москва во понеделникот соопшти дека Украина ја нападнала претседателската резиденција во регионот Новогород со 91 беспилотно летално со долг дострел и истовремено се закани дека ќе преземе одмазднички дејствија. Дополнително, Русија по наводниот инцидент наведе дека ќе ја заостри својата преговарачка позиција во разговорите за постигнување мировно решение за војната во Украина.
Од друга страна, Киев ги оцени руските обвинувања како лага насочена кон оправдување на нови поинтензивни напади врз Украина. Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, вчера изјави дека Русија не презентирала никакви докази за нападот бидејќи, како што кажа, нема такви, оценувајќи притоа дека ваквите манипулации директно го подриваат конструктивниот мировен процес.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека имал телефонски разговорот со Путин, во кој рускиот претседател му кажал дека Украина ја нападнала неговата резиденција. Трамп кажа дека тоа многу го налутило, а на новинарско прашање дали има докази за таков напад, тој рече: „Ќе откриеме“.
Во меѓувреме Белата куќа одби да го коментира наводниот инцидент, а коментари засега нема ниту од претставници на разузнавачката заедница во САД, како и од Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
„Ќе ги разгледаме разузнавачките информации. За мене најважно е што велат американските разузнавачки служби, како и оние на нашите сојузници, за тоа дали овој напад навистина се случил“,
изјави американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
Инаку, тврдењата на Москва за наводниот напад дојдоа еден ден по средбата меѓу американскиот претседател Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во Флорида во неделата. По средбата Трамп изјави дека тој и Зеленски ги доближиле своите ставови и оти „можеби се многу блиску“ до договор за прекин на војната, но, како што додаде, сè уште остануваат отворени територијалните прашања.
Вчера и украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „приказните“ за наводниот напад на резиденцијата на Путин се целосна измислица, посочувајќи дека нивна единствена цел е да се оправдаат нападите врз Украина.
„Приказната има за цел да ги оправда нападите врз Украина, вклучително и Киев, како и одбивањето на Русија да ги преземе потребните чекори за прекин на војната. Типични руски лаги“,
изјави тој.
