Амбасадорот на Русија во Северна Македонија, Сергеј Бездникин, без да прецизира конкретен датум, денеска рече дека очекувањата се наскоро да пристигнат нови пратки на вакцината против ковид-19 „спутник В“.
Тој вели дека руската страна се придржува до договорот, но испораката зависи од производствените можности на рускиот Фонд за директни инвестиции.
„Руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на вакцините во рокот утврден со договорот. Меѓутоа, распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна. Сепак, амбасадата е во постојан контакт со рускиот Фонд за директни инвестиции околу организација на испораката на вакцини. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на ’спутник в‘“,
рече Бездникин во обраќањето на Меѓународниот аеродром Скопје каде попладнево почна да функционира првата директна авиолинија на релација Москва-Скопје.
На дополнително прашање околу датумот, тој рече дека руската амбасада во Скопје не исто со рускиот Фонд за директни инвестиции, па затоа може да го каже она што го знае и веќе го кажал.
„Но, сигурен сум дека сите обврски ќе бидат исполнети“,
рече амбасадорот.
Северна Македонија нарача 200 000 дози од „спутник В“ (за вакцинација и ревакцинација на 100 000 луѓе). Од нив досега во два наврати во март во земјава пристигнаа околу 6 000 дози.
Според изјавите на министерот за здравство, Венко Филипче, нови пратки од руската вакцина првично се очекуваа до крајот на мај.
Покрај руските, наскоро треба да пристигне и голема пратка од 500 000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“ за кои Филипче рече дека се очекува да бидат испорачани во наредните седум дена.