Тој вели дека верува во правдата и дека со првиот лет ќе се врати во Скопје

Македонскиот амбасадор во Кралството Норвешка, Дритон Кучи, по информацијата дека полицијата го бара како осомничен во истрагата за пожарот во Кочани, се огласи на својот фејсбук-профил.
Тој вели дека верува во правдата и дека со првиот лет ќе се врати во Скопје.
„Денес семејството ме информираше дека претставници на Министерството за внатрешни работи биле во мојот дом во Скопје, барајќи информативна средба. Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа и стоев исправен дури и кога се чувствував сам. Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата!“,
напиша Кучи на Фејсбук.
Како што веќе објави „360 степени“, истрагата за пожарот во Кочани се проширува за 23 нови осомничени. Деветнаесет од нив се приведени или се приведуваат. Од нив за еден е утврдено дека не е во земјава. Станува збор за Дритон Кучи, исто така поранешен министер за економија како кадар на ДУИ, кој во моментов е амбасадор на земјава во Кралството Норвешка.
Според нашите информации, сите што биле министри за економија и директори на ДЗС од 2012 година, вклучително и актуелниот директор на ДЗС, се уапсени. Актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши не е осомничен.