Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен – вели амбасадорката Петра Дрекслер

Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер, вели дека со загриженост ја следи дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за С Македонија. Во документот, меѓу другото, се констатира дека правосудството е финансиски зависно и под притисок на извршната и законодавната власт, но премиерот Христијан Мицкоски во неколку јавни настапи порача дека нема намера да ги зголеми финансиите за судството и јавното обвинителство. Меѓу другото, тој се повикува на анализа на буџетите за правосудството во европските држави за 2022 г. која покажува дека земјава издвојува поголем процент од БДП за оваа намена од голем број земји членки на ЕУ.
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија”,
вели германската амбасадорка во интервју за „360 степени”.
Секако, додава Петра Дрекслер, знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот. Но, порачува амбасадорката на Германија:
„Ние како ЕУ ќе може да примиме само нови членки кои континуирано работат на тоа владеењето на правото да биде загарантирано”.
Премиерот Мицкоски и денеска повтори дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија одвојува од буџетот пари за правосудниот систем повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.

„Да речеме, ние издвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП во 2022, замислете во 2023 и 2024 година БДП многу повеќе порасна отколку во 2022, да речеме Франција е 0,2, Германија е 0,3 проценти од нивниот БДП, просекот европски е отприлика 0,3, медијаната е помала 0,21 проценти”,
изјави премиерот.
Според него, 0,25 проценти е нешто што е прифатливо за судовите и 0,1 процент за обвинителите или вкупно 0,35 проценти од нашиот БДП. Мицкоски рече дека нема да се мешаат во плановите за вработување и унапредување, но дека како Влада се одговорни за трошењето на секој денар народни пари.
Според извештајот на Советот на Европа за буџетите за правосудството во земјите членки на оваа организација за 2022 г., на кој се повикуваат и премиерот Мицкоски и амбасадорката Дрекслер, Македонија издвоила 0,37% од БДП заедно за судството и јавното обвинителство, а Германија – 0,35% од БДП. Анализата на податоците по глава на жител, пак, покажуваат дека земјава одвоила 19,27 евра додека Германија потрошила 140,73 евра ,,пер капита” за правосудниот систем што е за седум пати повеќе од Македонија.
