Треба да продолжиме во духот на дијалогот, а не низ конфликти, да дојдеме до решение, напиша Заев на Фејсбук и посочи дека сѐ уште има шанси во декември да се одржи меѓувладината конференција
Благој Ханџиски и Марјан Ѓорчев, последните амбасадори на нашата земја во Софија, да ги водат разговорите со Бугарија, предлага експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, по последните случувања меѓу двете држави што вчера резултираа со неутврдување на преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ.
„Република Македонија во Софија секогаш имала прекрасни и мудри луѓе за амбасадори, луѓе кои се ерудити, интелектуалци… Двајца од нив, за жал, повеќе не се помеѓу нас, Љубиша Георгиевски и Абдурахман Алити… Но, последните двајца се живо интелектуално богатство за Македонија… Луѓе кои не само што се експерти во своите области, туку се и извонредни познавачи на македонската историја и борбата на македонскиот народ за своја културна и јазична самобитност… Професорот Благој Ханџиски и господинот Марјан Ѓорчев оставиле траен траг во градењето на македонската држава во деведесеттите, едниот како генерален секретар на СДСМ, другиот како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ… Да ѝ предложиме на Владата, ако сакаме доверба, градење национална позиција, интелектуална силина и храброст, токму овие двајца луѓе да ги водат разговорите со соседна Бугарија…“,
напиша Димовски на Фејсбук.
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, која бара оставка од премиерот Зоран Заев и формирање „влада за национален спас“, Димовски посочува дека треба да покажеме дека знаеме да се обединиме и да градиме национална стратегија.
Премиерот Заев денеска објави на Фејсбук дека до декември постојат уште можности за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.
„Треба да продолжиме во духот на дијалогот, а не низ конфликти, да дојдеме до решение“,
напиша Заев.