Овие предупредувања, според Ројтерс, доаѓаат неколку часа откако руската агенција за безбедност соопштила дека спречила план на ИСИС за напад во синагога во близина на Москва
Американската и британската амбасада во Русија предупредуваат на екстремистички напади во Москва и апелираат до своите граѓани да избегнуваат групни собири во следните два дена, пренесува Ројтерс.
Предупредувањата се однесуваат и на собирањата во главниот град на Русија поврзани со прославата на Меѓународниот ден на жената, за што е планирано да се одржат неколку концерти.

На веб-страницата на американската амбасадата во Русија е објавено соопштение во кое се вели дека амбасадата ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови да таргетираат големи собири во Москва, вклучително и концерти.
„Се советуваат граѓаните на САД да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“,
се вели во соопштението од амбасадата на САД во Москва.
Ова предупредување до американските граѓани кои се наоѓаат во Русија е објавено и од британската амбасада во Москва, која истото им го порача и на британските државјани.
Оттаму посочија дека се можни безбедносни инциденти како што се напади со беспилотни летала во некои делови на земјата и ги советува британските граѓани да размислат да ја напуштат Русија.
„Ако не треба да бидете во Русија, ве советуваме да размислите да заминете. Не можете да летате директно од Русија до Велика Британија. Опциите за комерцијални летови се ограничени и може брзо да се распродадат. Проверете го тоа кај авиокомпаниите. Британските државјани треба да бидат внимателни во секое време. Патувањето во или надвор од Русија е на ваш сопствен ризик“,
се вели во соопштението од британската амбасада во Москва.
Овие предупредувања, според Ројтерс, доаѓаат неколку часа откако руската агенција за безбедност соопштила дека спречила план на ИСИС за напад во синагога во близина на Москва.
Вакви предупредувања не упатиле руските државни агенции.
Како што пренесува „Дејли мејл“, американските разузнавачи точно го предвиделе почетокот на војната во Украина пред две години, дури и кога тоа го негирале и Русите и многу руски експерти.
Според рускиот независен медиум „Импортант сторис“, дипломатите ја оценуваат веројатноста за терористички напади како неизбежна, односно се убедени во веродостојноста на нивните информации.