Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор, велат од американската амбасада

Амбасадата на САД се огради од договорот на Владата на Северна Македонија со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
„Бехтел“ е американска компанија, а на потпишувањето на договорот со Владата, како и на церемонијата за поставување камен-темелник на Коридорот 8, присутна беше и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, меѓутоа од амбасадата во одговор до Алфа ТВ нагласуваат дека оваа фирма не е ентитет на американската влада и тие не се дел ниту од преговорите ниту имаат некаква улога во условите од договорот.
„’Бехтел’ не е ентитет на американската влада и ова не беше договор на американската влада. Иако Амбасадата на САД не е вклучена во одредувањето на исходот од приватните инвестиции, поттикнувањето на економскиот развој и комерцијалното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија останува една од примарните мисии на Амбасадата. Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор. Прашањата за преговарачкиот процес и резултатите треба да се упатат до преговарачките страни“,
пишува во одговорот на амбасадата на САД во Скопје за Алфа ТВ.
„Бехтел“ во конзорциум со турска „Енка“ во сабота официјално треба да почнат со градежните работи на Коридорот 8, а во мај треба официјално да се означи и почетокот на изградбата на Коридорот 10-д.
Меѓутоа, изминатиов период договорот на Владата со американско-турскиот конзорциум ја бранува јавноста. Тој е таен и јавноста нема увид во договорените услови.
Во Собранието, пак, во тек е постапка за измена на осум закони по скратена постапка, од кои најоспорувани во јавноста се измените на Законот за работни односи кои предвидуваат зголемена работна недела односно повеќе од 40 часа.
Ако власта ги овозможи овие услови, тогаш изградбата ќе чини околу 1,3 милиони евра и ќе трае 57 месеци односно коридорите ќе се завршат во 2027 година.
Доколку тоа не се овозможи, пак, автопатиштата ќе се изградат за подолго време и ќе чинат повеќе. Колку, официјално не е познато.