Ставот на Амбасадата на САД доаѓа по лидерската средба која на 7 јуни ја имаа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По средбата, лидерот на опозијата предложи да се формира преодна влада без ДУИ, а уставните измени да се усвојат со одложено дејство, односно да влезат во сила тогаш кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка на ЕУ
Одлуката за тоа кој е внатре, а кој надвор од владата на Северна Македонија им припаѓа на народот во државата и на нивните политички претставници, гласи дел од пишаната изјава која Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава ја дала за порталот „Прес онлајн“.
„Ги охрабруваме сите политички партии да седнат на маса и да бидат дел од дискурсот за иднината на земјата“,
се наведува во изјавата на Амбасадата на САД, која ја цитира порталот „Прес онлајн“.

Ставот на Амбасадата на САД доаѓа по лидерската средба што на 7 јуни ја имаа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на која главно прашање беше спроведувањето на уставните измени кои земјава треба да ги направи за да го продолжи процесот на интеграција во Европската Унија.
Иако лидерската средба заврши без конкретен договор меѓу лидерите на власта и опозицијата, на маса се најдоа предлози и од двете страни по однос на ова прашање.
Еден од предлозите кои на прес-конференцијата по лидерската средба ги изнесе лидерот на опозцијата беше да се формира преодна влада без ДУИ, а уставните измени да се усвојат со одложено дејство, односно да влезат во сила тогаш кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка на ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во петокот, во интервју за „360 степени“ порача дека е веќе прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ да има завршни и преодни одредби во кои уставните измени влегуваат во сила во моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Тој беше дециден дека сè што е надвор од преговарачката рамка со ЕУ е нејзино прекршување.
По однос на прашањето кое беше главен фокус на лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, денеска се огласи и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Оттаму не сакаа да коментираат детали од разговорот меѓу лидерите на власта и опозицијата, но нагласија дека заклучоците во врска со уставните измени кои ги донесе Советот на ЕУ во јули минатата година се јасни.
„За уставните измени, јасни се заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година. Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на преговорите за пристап, Советот, исто така, одлучи, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се претстави рамката за преговори и состојбата на подготвителните работи од страна на Европската комисија и е подготвена да ја одржи без дополнителни одложувања, ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши горенаведените уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури“,
стои во реакцијата на Делегацијата.