Мециновиќ рече дека на овие избори ќе ги активираат работите за кои, како што нагласи, никој нема храброст и интерес да ги актуализира

Пратеникот Амар Мециновиќ ќе биде кандидатот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, информира денеска лидерот Димитар Апасиев.
Апасиев на прес-конференција го претстави Мециновиќ како најдобриот пратеник од Левица кој за една година мандат се има наметнато како најактивен во Собранието.
„Со неговата кандидатура, бидејќи станува збор за кадар што се градеше низ партиските структури, мислиме дека по првпат ќе успееме да ги активираме младите на овие локални избори да излезат на гласање затоа што тие се дел од електоратот што често не излегува на гласање. Тоа е нашата главна цел и мислиме дека ако успееме да влеземе во втор круг дека ќе има практично политички земјотрес“,
рече Апасиев.
Мециновиќ рече дека на овие избори ќе ги активираат работите за кои, како што нагласи, никој нема храброст и интерес да ги актуализира.
„Нашиот приоритет и агендата што ќе ја нудиме ќе биде за набавка на нови автобуси. Сметаме дека обновување на јавниот превоз е потребен не само преку набавка на автобуси, туку и преку оптимизација на линиите што го опслужуваат градот. Најпосле во однос на јавниот транспорт е и имање нови методи“,
рече Мециновиќ.
Тој, исто така, рече дека ќе се осврне и на хуманизација на урбанизацијата и на градската чистота.
„Најпосле и најважно е борбата со загадениот воздух“,
рече тој.
Нашата кампања, додаде тој, ќе се обидеме да биде како нешто што досега македонската јавност не видела, во поглед на политичкиот маркетинг.
„Тоа што е на наша страна е љубовта за сопствениот град, на нивна страна се парите и моќта и мислам дека за она што ние го нудиме тие немаат одговор“,
додаде Мециновиќ.
На прашањето како ќе се финансира набавката на нови автобуси, Мециновиќ беше без конкретен одговор, но рече дека се надева дека ќе има шанси кога ќе може сите работи подетално да ги каже.
Според него, за граѓаните мора да биде јасно дека тие на изборите гласаат за политичка волја.
„Политичката волја е таа што ни пресуди во изминатите четири години да немаме автобуси. На седниците на Советот на Град Скопје се дискутираше за сите можни решенија за јавниот превоз и на крај скопјани останаа со истите автобуси бидејќи немаше политичка волја“,
рече тој.
Во однос на најавите за нови видови јавен транспорт, Мециновиќ рече дека тоа најдобро ќе биде да се коментира во текот на кампањата.
„Нема на првата прес-конференција да влезам во оспорување на работата на некој друг иако имаме основан сомнеж тоа да биде така. Доколку навистина има волја од Министерството за транспорт и од Владата да го санираат јавниот превоз во Скопје тогаш тоа нема да им биде проблем и ако сум јас градоначалник“,
кажа Мециновиќ.
Инаку, како што рече лидерот Апасиев, Левица на овие локални избори ќе настапи со рекорден број кандидати за градоначалници и за советнички листи.
„На минатите избори имавме само осум кандидати за градоначалници, додека оваа година ќе одиме со преку 20. Имавме 38 советнички листи, а годинава ќе имаме над 60. Ова покажува дека Левица прераснува од мала кон средно голема партија. Очекуваме најдобар резултат досега“,
рече Апасиев.
Досега кандидати за градоначалник на Скопје објавија владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нивниот коалициски партнер во Владата, ВЛЕН, како и опозициските СДСМ и „Европски фронт“.
Орце Ѓорѓиевски, Башким Бакиу, Каја Шукова и Скендер Реџепи-Зејд се кандидатите со кои Амар Мециновиќ влегува во трка за градоначалник на Скопје.
Поврзани вести:
- Орце Ѓорѓиевски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје – најави дека ќе го воскресне градот
- И официјално: Касами за Тетово, Меџити за Чаир, Бакиу за Град Скопје – ВЛЕН објави 14 кандидати за градоначалници
- Каја Шукова е кандидатка на СДСМ за градоначалник на Скопје
- Скендер Реџепи-Зејд е кандидат за градоначалник на Скопје од „Европскиот фронт“