Од партијата сметаат и дека е индикативно неговото повлекување во моментот кога македонската опозиција организира протести против парламентарното мнозинство, но, како што велат, за ова прашање треба самиот Реџепи да даде одговор
Пратеникот Скендер Реџепи треба да го врати мандатот што го добил во име на партијата, реагираат денеска од Алтернатива откако пратеникот вчера испрати известување до претседателот на Собранието дека отсега ќе дејствува како независен.
Од партијата сметаат дека тој треба да се повлече од пратеничката функција бидејќи мандатот го добил под логото и името на Алтернатива и, според нив, тоа е политички морално, но е и должност кон партиските структури.
„Сакаме да објасниме дека оваа одлука е исклучиво лична и не станува збор за никаков став што е поврзан за некоја партиска структура или партиски орган на Алтернатива. Алтернатива изразува жалење за оваа одлука на пратеникот Реџепи и ја известува јавноста дека оваа одлука нема да влијае на групата на пратениците на Алтернатива ниту на парламентарното мнозинство ниту на учеството на Алтернатива во извршната власт“,
велат од Алтернатива.

Од партијата додаваат и дека е индикативно неговото повлекување во моментот кога македонската опозиција организира протести против парламентарното мнозинство, но, како што велат, за ова прашање треба самиот Реџепи да даде одговор.
Алтернатива досега имаше четири пратеници, а со излегувањето на Реџепи останува само со три. Оваа партија до крајот на 2021 година дејствуваше како опозициска, а по излегувањето на Беса од Владата и прекројувањето на мнозинството таа стана дел од владејачката коалиција.