Законот е поставен на е-Влада, а изгласувањето треба да биде што поскоро за да се испочитува зададениот рок – 31 мај годинава, за да не се изгуби пристапот до фондовите од Креативна Европа, вели министерот за информатичко општество и администрација

Првата фаза од измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги е заокружена и ќе биде поставен на е-Влада, а се надевам дека наскоро ќе биде и во собраниска процедура. Тоа ќе се направи со цел да се изгласа што поскоро за да се испочитува зададениот рок – 31 мај годинава за да не се изгуби пристапот до фондовите од Креативна Европа, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Измените, како што рече тој, се однесуваат на финансиите за јавниот сервис МРТ и се прави анализа со која се планира да се намалат сегашните средства во износ од еден процент за МРТ, кои се предвидени доколку не се загрозува Буџетот на државата. Сега се анализира да се најде решение, но нема да биде еден процент.
Со законските измени ќе се понуди и решение за регулација на мултимедијалните содржини (текст, аудио, видео). Порталите во оваа фаза не се опфатени и ќе влезат во ново решение. Првичните размислувања се тие да имаат регистрирана фирма во државава, како и минимум еден вработен како директор и уште двајца во работен процес, посочува Алиу
За министерот Алиу најголем предизвик е дигитализацијата на јавната администрација и услугите за граѓаните.
Алиу вели дека е при крај подготовката на Стратегијата за реформа на јавната администрација, а со неа се опфатени повеќе закони што треба да се донесат и за кои веќе се почнати активности.
Како што рече Алиу на денешната средба со новинарите, со Законот за плати во јавниот сектор треба да се најде системско решение за платите во овој сектор, а со законот за административни службеници во процесите ќе се применува мерит системот, но со јасни индикатори.
Со Законот за вработени во јавниот сектор, пак, ќе се уредува ангажманот на кабинетските службеници и актите за систематизација.
„Сакаме да се децентрализираат процесите и пред ние да дадеме мислење да има мислење и од институцијата која ја бара систематизацијата“,
вели Алиу и дода дека приоритет е и Законот за висока раководна служба со кој ќе се обезбеди професионализација на раководните служби.
Дел од пакетот се и законите за органи на државна управа, а ако не биде донесен, како што нагласи Алиу, државата ќе има проблеми во користење средства од ИПАРД 3.
Алиу рече дека дигитализацијата бара многу пари, но, како што посочи, со тоа ќе се намали ниската корупција, некомпатибилноста помеѓу институциите. Сите други држави, вели министерот, имаат повеќе дигитализирани процеси споредено со нас.
Според него, дигитализацијата нема да повлече намалување на работните места во администрација, во која сега во 1 354 институции се вработени 129 374 лица. Таа бројка во однос на 2021 година е намалена за околу 2 000.
Министерот вели дека дигитализацијата на услугите во Македонија е на ниско ниво. Тој вели дека секојдневно работат да постават нова услуга, за да се зголеми бројноста и оти во моментот се работи на 150 такви.
„Една од причините зошто тие услуги не се искористени е поради недоволна информираност на граѓаните“,
рече министерот Алиу.
Тој рече дека „Една точка не услуги“ (ЕТУ) во моментов има пет на ниво на државата – во Скопје, Битола, Тетово, Куманово и Охрид. За поголема достапност се договориле со „Пошти на Северна Македонија“, такви точки да отворат во 333 пункта на Пошти. На тој начин ќе се искористи и човечкиот потенцијал, односно вработените во „Пошти на Северна Македонија“, како и постојните пунктови.