„Медицинската документација, како упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како привремено решение при прекин на работата на системот“, вели министерот за здравство
Дополнително, по првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи
Медицинската документација, како упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како привремено решение при прекин на работата на системот. Ова го соопшти министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција, на која информира за новините што се предвидуваат со измените и дополнувањата на Законот за евиденција од областа на здравството, со што, според него, се прави значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.
Целта, како што додаде, е дека здравствените податоци да се водат модерно, безбедно и поврзано, со што ќе се подобри и квалитетот на здравствените услуги на пациентите.

Со ова законско решение, како што вели министерот, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“.
„Тоа значи дека медицинската документација, како упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како привремено решение при прекин на системот“,
рече Алиу.
Една од клучните новини, како што вели, е регулирање на Електронското здравствено досие за секој пациент, кое ќе претставува централен извор на сите здравствени податоци, од прегледи и резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги, со што се обезбедува подобра грижа за пациентите.
Законот, додава дека предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи, што значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем, преку воведување сертифицирање на информатичките системи и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.
„Со новите законски решенија, значително се подобрува и пристапот на граѓаните до сопствено здравствено досие, преку електронски портал или мобилна апликација, со јасно утврдени правила за пристап кај малолетни лица и можност за овластување друго лице“,
кажа тој.
Според него, дополнително, за првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност, како и физичките прегледи.
„Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго ќе биде забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединецот“,
рече министерот.
Пилот-проектот телемедицина ќе биде на национално ниво инкорпориран и ќе почне да се применува, како што најави, меѓу Скопје, Дебар и Делчево.
Со законските измени се предвидува и централизација и интеграција на здравствените регистри во рамки на Националниот систем, како и зајакнување на безбедносните стандарди, со обврска за здравствените установи да воспостават системи за управување со информациска безбедност и да пријавуваат евентуални безбедносни инциденти.
Предложените законски измени, како што рече, се делумно усогласени со најновите европски регулативи во областа на дигиталното здравство, како и Регулативата за Европскиот простор за здравствени податоци.
Посочи дека во финална фаза се измените на 12 закони од областа а здравството.
„Како што се финализираат, така се објавуваат и на ЕНЕР, каде веќе се поставени законите за здравствена заштита, за заштита од пушењето, за здравствено осигурување. За Законот за заштита на населението од заразни болести се предвидени новини во рамки на заложбите за дигитализација“,
вели тој.
Со измените и дополнувањата на Законот за евиденција од областа на здравството, според министерот, се поставуваат темелите за модерен и сигурен систем за управување со здравствените податоци, со цел поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните.
