Алиу кажа и дека вкупната инвестиција за тетовската болница изнесува 70 милиони евра, за две нови градби и три постојни инфраструктурни објекти коишто треба да се реновираат
Решенија за трајни вработувања на медицинскиот персонал кој со години работи во болницата, ќе се реализираат по локалните избори, вели министерот за здравство Азир Алиу, кој денеска беше во посета на Клиничката болница Тетово. Според него, спроведени се тестирања на пријавените кандидати на конкурсот, но постапката на вработување ќе почека поради законските пречки поврзани со изборите. За 155 работни места, како што кажа, се пријавиле 290 кандидати.
„Анализите покажуваат дека во Тетово има потреба од над 300 вработени. Ние ќе отвориме и друга постапка се со цел да може да се намали тој гап меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата“,
вели Алиу.
Од министерството објаснуваат дека хонорарците имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година и дека е обезбедена е согласност од Министерството за финансии за вработувањата во Клиничка болница Тетово.

Алиу, денеска во Тетово се сретна со директорот на Клиничка болница Тетово, Ерзен Елези како и со градоначалникот Биљал Касами.
На работната средба се разговарало за приоритетите на Клиничката болница Тетово и плановите за инфраструктурно унапредување на болницата. Вкупната инвестиција изнесува над 70 милиони евра за целиот кампус, односно за две нови градби и три постојни инфраструктурни објекти коишто треба да се реновираат.