Како што наведува министерот за здравство, по трагичниот настан во Кочани, како евидентна и неопходна се наложила потребата за изработка на сеопфатен план кој поставува институционални стандарди во координација, тријажа, транспорт и згрижување на повредените лица
Владата на предлог на Министерството за здравство на денешната седница усвоила Национален план за координиран и брз одговор на надлежните при потенцијални настани кои можат да резултираат со масовни жртви.

Планот, како што вели ресорниот министер Азир Алиу, во изјава што ја пренесе неговиот кабинет, е изработен во соработка со повеќе надлежни институции и треба да овозможи брз одговор на надлежните во случај на природни катастрофи, сообраќајни несреќи, индустриски инциденти, пожари и други вонредни ситуации, кои може да доведат до голем број жртви.
Како што наведува Алиу, по трагичниот настан во Кочани, како евидентна и неопходна се наложила потребата за изработка на сеопфатен план кој поставува институционални стандарди во координација, тријажа, транспорт и згрижување на повредените лица.
„Овој план, кој беше усвоен на денешната седница на Владата по предлог на Министерството за здравство, подготвен е со поддршка на Светската здравствена организација, а истиот е усогласен со препораките на НАТО и стандардите на меѓународните здравствени регулативи. Со усвојувањето на овој план се овозможува намалување на смртноста и зголемување на преживувањето при масовни инциденти, унапредување на координацијата меѓу институциите и побрз одговор, подигнување на оперативната готовност на здравствените установи, развој на систем за обука, симулациски вежби и континуирано усовршување“,
појаснува министерот за здравство.
Дополнително, додава тој, целта на планот е да обезбеди и оперативни протоколи за стратегиско и предболничко ниво, рационално користење и распределба на човечките и материјалните ресурси, односно национално усогласена рамка за координирано постапување при настани со масовни жртви.
Во процесот на изработка на Националниот план за справување со масовни жртви, Министерството за здравство користело мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, кој овозможува стручна, институционална и меѓуресорска координација.
Подетално, во неговата изработка биле вклучени Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), службата за Итна медицинска помош, ургентните центри, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување ДЗС, Црвениот крст, медицинските факултети, како и меѓународни партнери и експерти од Светската здравствена организација.
