Втората група на повредени пациенти од пожарот во „Пулс“ се очекува да замине на рехабилитација во одморалиштето на Пониква втората половина на јули. Првата група е веќе таму и со нив се и пет физиотерапевти кои работат по програми, специјалист физијатар и општ хирург, соопшти Алиу
Тројца од повредените во пожарот во „Пулс“ се уште се на лекување во странство и според информациите, нивната здравствена состојба е стабилна, кажа министерот за здравство Азир Алиу. Двајца од повредените како што рече, се лекуваат во Турција и еден е во Словенија. На Клиниката за пластична хирургија има пациенти кои се таму поради длабочината на повредите, а здравствено се стабилни, посочи Алиу и додаде дека двајца пациенти се во приватната болница „Систина“.
„Во Пониква во моментов е првата група, при крај, таму со нив се и пет физиотерапевти кои работат по програми, специјалист физијатар и општ хирург. Таму младите сакаат да продолжат и понатаму, имаме барања од некои од нив да продолжат и со втората група. Втората група ќе биде упатена најверојатно од втората половина на јули,“
рече министерот за здравство Азир Алиу.

Првата група од 45 повредени е на рехабилитација во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Пониква. Тие се под медицинска грижа на лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип.
Во врска со обвинувањата на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, за несоодветен третман во болницата во Кочани и недостиг на соодветна опрема, министерот рече дека истрагата од надлежните служби, би требало да даде одговор на многу прашања во врска со трагедијата.