Министерот за здравство вели дека сè уште е рано да излегуваат со информации бидејќи се чекаат и резултатите од обдукцијата
Стручна комисија на Министерството за здравство утре ќе оди во Клиничката болница во Тетово и во приватна здравствена установа, каде почнало лекувањето на седумгодишното девојче кое почина во неделата, за да утврди што точно се случило.

Имено, како што информираше министерот за здравство, Аазир Алиу во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, наодот што го добиле од Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажал дека лекувањето на девојчето почнало во приватна здравствена установа, пред тоа да биде хоспитализирано во Клиничката болница во Тетово каде почина.
Во наодот на Инспекторатот, рече Алиу, бил опишан целиот протокол на лекување на девојчето.
„Дознавме дека е почнато со лекување во приватна здравствена установа од каде детето завршило на Клиниката во Тетово. Утре стручна комисија ќе оди во двете уставнови за да види што се случило. Сè уште е рано да излеземе со информации зашто чекаме резултати и од обдукцијата. Кога ќе ги согледаме наодите и од Комисијата и од обдукцијата, тогаш ќе имаме јасна слика што се случило“,
рече министерот за здравство.
Завчера од Клиничката болница во Тетово потврдија дека во неделата кај нив починало седумгодишно девојче од тетовското село Челопек. Детето било примено на Одделението за педијатрија во саботата, а починало следниот ден, и покрај сите напори на медицинскиот тим.
Според соопштението од болницата, пациентката била примена на 20.09.2025 во 20:40 часот со одредени здравствени проблеми. Од болницата рекоа дека веднаш биле преземени сите неопходни мерки и медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза.

За време на третманот, била побарана помош од Одделението за оториноларингологија (ОРЛ) за аспирација на секрети од усната празнина. За жал, за време на интервенцијата, девојчето не покажало знаци на реакција, по што веднаш било префрлено на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега. И покрај максималните напори за реанимација, медицинскиот тим не успеал да ја спаси.
Со цел да се утврдат причините за смртта, болницата побарала да се изврши судско-медицинска обдукција. Сепак, семејството на починатото девојче одбило да се спроведе обдукција.
Од тетовското Основно јавно обвинителство подоцна соопштија дека надлежен јавен обвинител издал писмена наредба за обдукција на телото на починатото девојче.