Тој не ми е ниту зет за ќерка ниту за сестра. Тој е зет на семејството Алиу, а не мој зет, вели министерот Алиу по обвинувањата за непотизам при ангажманот на Дритон Даути за шеф на неговиот кабинет

Шега беше кога во поткаст на шефот на кабинетот му реков дека освен како правник треба да ме штити и како зет. Извадено беше од контекст дека тој ми е навистина зет. Тој не ми е ниту зет за ќерка ниту за сестра. Тој е зет на семејството Алиу, а не мој зет, рече министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу откако опозициската Алтернатива го обвини за непотизам при ангажманот на Дритон Даути за шеф на неговиот кабинет.
Алиу на денешната прес-конференција, на која даде отчет за првите 100 дена од работата на неговиот кабинет, рече дека знае оти јавноста е сензитивна на овие прашања, особено на корупција и непотизам.
„Ова ми е прва позиција како министер, доаѓам од академија и од приватен сектор. Знам дека јавноста е сензитивна од аспект на политичари, креирање политики против корупција и непотизам. Кога доаѓате во последната година од владеење на еден состав, мора да бидете претпазливи и од аспект на креирање на човечка инфраструктура во кабинетот. Законски министерот може да именува, тие не се вработени туку именувани лица кои треба да ги следат политиките на министерот и на институцијата додека вработените се внатрешни. Единствениот кабинет кој ја отсликува реалноста во Македонија е кабинетот на Министерството за информатичко општество и администрација. Внатре има експерти од сите националности и јас се гордеам со тоа“,
рече Алиу.
Алиу вели дека доколку некој сака може да ги провери документите или да иницира постапка, но додава дека сè е во ред и нема никаков вид непотизам.
„Идејата е да имате луѓе околу вас кои се експерти и во кои верувате бидејќи јас дневно потпишувам десетици документи и ако немате човек во кој верувате тогаш вие ја ризикувате сопствена кариера. Јас дојдов тука за да бидам транспарентен, да го отворам Министерството за граѓаните“,
рече Алиу најавувајќи дека кабинетот на МИОА ќе има поткаст, а еден од нив ќе биде со новинарите и тогаш може да се достават и документи дека во овој случај не постои непотизам ниту прекршување на некој закон.
Минатата недела партијата Алтернатива побара од лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, да даде оставка или да го разреши министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу зашто зетот Дритан Даути си го вработил за шеф на кабинет во Министерството.
Исто така, од партијата побараа Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да отвори предмет за овој, како што рекоа, јасен случај на непотизам.