„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно ги засега здравјето и иднината на нашите деца и младите“, оценува министерот за здравство, додавајќи дека неговата намера не е казнување, туку превенција и заштита на здравјето на најранливите категории граѓани
Министерот за здравство Азир Алиу утрово потсети дека предлог-законот за заштита од пушење, кој предвидува драстични заострувања на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи, е објавен на електронскиот национален регистар за прописи (ЕНЕР), каде во наредниот период сите заинтересирани граѓани и организации ќе можат да учествуваат во јавната расправа пред нацрт-текстот да се најде во собраниска процедура.

Според ресорниот министер, главниот фокус на предлог-законското решение е насочен кон децата и младите, односно на нивна заштита од штетните последици што ги предизвикува пушењето цигари и други производи од тутун.
„Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани“,
оценува Алиу.
Со ваквото законско решение, се вели во соопштението од Министерството за здравство, се испраќа јасна порака дека здравјето има повисока вредност од кој било комерцијален интерес.
Воедно, од Министерството наведуваат дека предлог-законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што С Македонија како држава ги има преземено, а се вградени во принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација (СЗО).
Според текстот на предлог-законот, кој од викендот е објавен на ЕНЕР, освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунските и никотинските производи.
Доколку биде усвоен, законот изречно ќе забрани пушење пред објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.
Консумирањето цигари и други тутунски и никотински производи ќе биде забрането во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца, а нема да се пуши ниту во објекти на државните и органите на единиците на локалната самоуправа, односно во општините.
Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Предлог-законот предвидува и забрана за пушење и во приватно возило во присуство на дете, а тоа нема да биде дозволено и во заеднички простории на станбени згради, како светларници, лифтови и заеднички котларници.
Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени од просторите каде што не се пуши и кои ќе бидат отворени од најмалку три страни на кои нема никакви стаклени, пастифицирани или најлонски прегради.

Еден од новитетите во предлог-законот за заштита од пушење е забрана за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.
Спроведувањето на законот ќе го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за извршување санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, согласно утврдените надлежности.
Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од 2 000 до 3 000 евра за мало правно лице, од 3 000 до 4 000 евра средно правно лице, а од 4 000 до 5 000 евра големо правно лице. Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.
