Алиу вели дека ќе бидат отворени дополнителни влезови, а еден од нив ќе биде кај Кардиологија за да може пациентите што имаат потреба од интервенција во таа Клиника директно таму да влезат. Излезите, вели министерот, ќе бидат исти, а бројот на паркинг-места ќе биде двојно поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот

Министерот за здравство Азир Алиу најавува новини што ќе се однесуваат на паркирањето во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Алиу вели дека во Клинички ќе бидат отворени дополнителни влезови, а разлика ќе има и во висината на цената што ја плаќаат пациентите.
Паркирањето во Клинички ќе биде бесплатно за онколошки пациенти, за оние што имаат упат за некоја од клиниките паркирањето ќе биде евтино, а најскапо ќе биде за оние граѓани што доаѓаат од некои други причини. Посебна цена, вели Алиу, ќе има за вработените во Клинички центар.
Во однос на изградбата на новиот паркинг-простор на Клинички, Алиу рече дека наредната недела ќе соопшти повеќе детали, а денеска кажа дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие „Градски паркинг“, кое и досега раководеше со паркингот на Клинички.
„Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП ’Градски паркинг’. Досега без потпишување на договор и конкретни чекори, не сакав во јавноста да излезам со информации… Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен на Кардиологија за да може пациентите коишто имаат потреба од интервенција во таа Клиника да може директно таму да влезат. Излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде дупло поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот. Сега засега, нема да има изградба на нов објект бидејќи цениме дека со оваа оптимизација бројот на паркинг-места ќе биде повеќе од доволно“,
рече Алиу по промоцијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот.
На новинарско прашање зошто договорот се потпишува со истата институција што раководеше со паркингот на Клинички, односно ЈП „Градски паркинг“, тој одговори дека пристапот што го има како министер е да работи со институции што се за таа дејност.
„Ние како министерство внатре ја имаме институцијата за општи работи којашто досега за жал нема таква експертиза и не сакаме да експериментираме со паркингот, а на ЈП ’Градски паркинг’ тоа им е бизнис и секојдневна работа, затоа цениме дека со нив би се контролирало подобро. Проблемот досега не беше во ЈП ’Градски паркинг’, туку во менаџирање на процесите во паркингот. Знаете дека ниту ЈП ’Градски паркинг’, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот“,
додаде Алиу.
Тој рече дека сега се дефинира начинот на плаќање, а најави и дека 24 часа ќе има мониторинг на целиот простор и камери за следење на автомобилите.
За тоа како ќе се направи поголем број паркинг-места, министерот рече дека има доста неискористен простор кој ќе се искористи. Доколку има потреба и доколку оптимизирањето на паркинг-просторот не даде резултати, тој нагласи дека ќе се размислува за монтирање катна гаража.
„Знаете дека имаме простор позади Клинички којшто буквално не е достапен ни за пешаци, ниту за автомобили, едноставно тој ќе биде оптимизиран. Работеа неколку архитекти и според нив ќе имаме дупло повеќе паркинг-простор отколку што имаме сега. Доколку имаме потреба и резултатите покажуваат дека и со ваков тип на паркинг-места и со оптимизација на тие слободни паркинг-места, нема да бидат доволни, ќе одиме со третата фаза, монтирање на катна гаража внатре. Јас и работната група сме многу сигурни дека нема да има потреба од тоа“,
рече Алиу.