Тој додаде дека на владина седница пред два дена била донесена одлука за именување членови на меѓуресорската комисија со која ќе раководи човек од Министерството за здравство

Министерството за здравство, во соработка со МВР, од денеска започна акција за вонредна контрола на сите 43 лиценци за производство на медицински канабис во земјата, најави министерот за здравство Азир Алиу.
„Од денеска почнуваат вонредните контроли заедно со МВР. Најверојатно, додека трае оваа прес-конференција, колегите се на терен. Ќе мора да се проверуваат 43 лиценци за производство на медицински канабис“,
рече Алиу.
Тој додаде дека на владина седница пред два дена била донесена одлука за именување членови на меѓуресорската комисија со која ќе раководи човек од Министерството за здравство.
„Комисијата била формирана во 2017 година, а не најдовме ниеден извештај од нејзината работа иако е една од клучните за да имаме увид што се случува во однос на производството на канабис за медицински цели“,
додаде министерот.
Министерот појасни дека во моментов функционираат две комисии со различни надлежности. Едната е составена од Министерството за здравство и за која Алиу вели дека работи во континуитет, а другата е меѓуресорска.
„Комисија на Здравство има пет члена и е составена од двајца претставници од Министерството, еден од Институтот за јавно здравје, еден од МАЛМЕД и еден од Министерството за земјоделство. Оваа комисија е надлежна за две работи – да ги анализира административните процедури и да дава согласност за лиценци. Оваа комисија си работи во континуитет и имаме информација колку предмети се архивирани“,
рече Алиу.
Тој додава дека другата комисија е меѓуресорска, која има 13 члена и претставува тело со пошироки ингеренции согласно Законот за Владата, кое треба да ги анализира политиките за овој тип процеси.
„Формирана е во 2017 година, била активна оттогаш, но нема ниеден извештај, нема активности што укажуваат на некој пропуст – системски или од аспект на инфраструктурата. Во однос на правилниците, има два – еден стар и уште еден. Нашите експерти од Министерството за здравство и двајца универзитетски професори ги анализираа. По анализите, ако има потреба, ќе излеземе со постапка за правилниците“,
додаде тој.
Алиу на последната владина седница побарал и законски измени со цел да се зголемат ингеренциите на министерот, овозможувајќи му да формира повеќе комисии за поефикасна анализа.
„Кога се носи закон, мора да постои и соодветна инфраструктура за тој закон да се спроведе на терен“,
кажа Алиу.
Владата, на седница во вторникот, како што информираа од прес-службата, ја разгледала информацијата во врска со лиценците за производство на канабис за медицински цели и ги задолжила институциите во рамките на своите надлежности да ги преземат сите законски утврдените мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица, кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на цела територија на земјата и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата.
