Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски, рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација, т.е. пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење
Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции при Министерството за здравство, од 19 анализирани пријави од пациенти и институции за сомнителни случаи на непотребно извршени интервенции на срце во јавни и приватни здравствени установи, кај 10 утврдила дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

За дополнителни шест пријави комисијата утврдила дека треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски, рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација, т.е. пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Ова е само првична анализа, додаде тој, и понатаму ќе се постапува заедно со меѓународна комисија за дополнителна анализа за случаите со проблематични индикации.
Во втората фаза, како што информираа членовите на комисијата, ќе следува влегување во институции по случаен избор, а ќе се направи и анализа за стратегијата на лекување на пациентите со кардиолошки проблеми и комплетен увид на медицинската документација.
„Кога ќе завршиме со деталната анализа, ќе излеземе со професионален извештај, односно комплетен приказ на секој поединечен случај“,
нагласи д-р Христовски.
