Министерот вели дека засега нема да го коментира случајот, ниту да навлегува во евентуалните причини зошто кардиологот се повлекува од здравствениот совет на МЗ
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека не ја прочитал оставката на кардиологот и академик Сашко Кедев, во која го известува дека се повлекува од здравствениот совет, а која уште на 23 јануари е примена и заверена со архивски печат во Министерството за здравство.

Ова тој го соопшти во изјава за весникот „Вечер“, посочувајчи дека засега нема да го коментира случајот, ниту да навлегува во евентуалните причини зошто Кедев се повлекува од здравствениот совет.
„Немам коментар. Треба да се видам со професорот Кедев и да седнеме да разговараме затоа. Не сум ја прочитал оставката. За ова подготвуваме и прес-конферецнија за следната недела“,
вели Алиу.
Од Министерството за здравство денеска за „360 степени“ одговорија дека министерот Алиу ќе го побара доктор Кедев, со цел да се видат и да разговараат за поднесената оставка.
„Потоа, ќе имаме прес-конференција за сите елементи и прашања што се отвараат“,
соопштија оттаму.
Ова следи откако вчера „360 степени“ објави дека известувањето за повлекувањето на кардиологот Кедев од здравствениот совет е примено во Министерството за здравство (МЗ) на 23 јануари годинава.
Претходно, на наше прашање за коментар за повлекувањето на Кедев од здравствениот совет и причините што тој ги навел, од МЗ одговорија дека до министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од Кедев.
„Ве известувам дека се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“,
се вели во известувањето на Кедев до Алиу.
Тој наведува и дека се надева оти „јавното здравство ќе остане приоритет во политиките на Министерството за здравство“, што може да се толкува како став на кардиологот дека Министерството се поставува заштитнички кон приватните болници кои се меѓу засегнатите во случајот со непотребно извршените операции на срце.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година лично од Сашко Кедев, министерот за здравство Азир Алиу формира 15-члена комисија, која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај.
Според наодите на комисијата, од 19 анализирани случаи, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции. Од комисијата тогаш соопштија дека имињата на инволвираните болници и доктори ќе ги соопштат откако наодите ќе ги потврдат заедно со странски експерти што ќе ги ангажира Министерството за здравство.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска излегоа со реакција на повлекувањето на кардиологот од здравствениот совет на МЗ, посочувајќи дека станува збор за тежок и длабок сомнителен скандал, со кој се разоткрива целото сценарио со докторот Жан Митрев и сопственик на истоимената приватна клиника против лидерот на партијата, Венко Филипче.
