Досега само две од 60 процесирани пријави имаат индикации за понатамошно процесирање. Тоа значи дека ќе седнеме со институциите што се поврзани со тие информации да ги објасниме уште еднаш процесите и да видиме зошто тоа се случува, вели министерот за здравство
Повеќе од 90 пријави за неправилности стигнале до Министерството за здравство преку апликацијата која функционира од почетокот на јули, информира министерот Азир Алиу. Најмногу поплаки има од Скопје, а граѓаните најчесто се пожалиле за доцнење на резултатите, доцнење на прегледите и ангажман на лекари во јавен и приватен сектор. Секоја пријава се разгледува од посебна работна група со цел да има институционална реакција, посочува министерот за здравство.
„Досега само две од 60 процесирани пријави имаат индикации за понатамошно процесирање. Тоа значи дека ќе седнеме со институциите што се поврзани со тие информации да ги објасниме уште еднаш процесите и да видиме зошто тоа се случува. Тие индикации не се поврзани со финансиска злоупотреба, туку повеќе се индикации за недоволно оптимизирање на здравствените услуги во тие институции. Долго чекање на граѓаните за да ги добијат здравствените услуги или злоупотреба на тој ред кој граѓаните сакаат да го имаат. Доаѓате на време , а добивате услуга по два-три часа“,
вели Алиу.

Алиу посочи и дека Министерството почна со Национална програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем. Тоа, како што објасни, значи дека се дефинираат стандарди и протоколи, дигитална платформа за координација, обуки и интероперабилност меѓу здравствените и безбедносните институции во државата, а целта е да се знае кои институции ќе треба да се активни во кризни состојби.
„На пример, ако има земјотрес, да се знае кој како треба да дејствува. Се знае дека во таков тип на елементарни непогоди се знае каков тип на повреди може да имаат граѓаните и во такви ситуации да бидат обучени и брзо ќе треба да реагираат сите членови во таа работна група, но и сите институции поврзани со таков тип на непогоди,“
објаснува Алиу.
Алиу кажа и дека вкупната вредност за реновирање на болниците во Штип, Тетово и Кичево, како и набавка на медицинска опрема ќе чини 205 милиони евра.
Како што соопшти вчера Министерството за здравство, новиот проект за Клиничката болница во Штип ќе ја опфати изградбата и опремувањето на болничкиот објект, Медицински факултет, студентски дом, комплетна инфраструктура и паркинг, со вкупна инвестиција од 147,65 милиони евра. Во Тетово е предвидена доградба на два нови павилјона за специјализирани услуги како онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија, како и реконструкција на постојните хируршки и интернистички блокови и целосно инфраструктурно и партерно уредување, со вкупна вредност од 40 милиони евра. Во Кичево е најавено дека ќе се гради нова општа болница на нова локација во вредност од 18 милиони евра.