Вработени во тетовската болница посочија дека прашањето за нивниот работен статус по првпат се зема сериозно и се третира со одговорност. Истакнаа дека ваквиот институционален чекор претставува не само признание за нивниот труд, туку и почеток кон обезбедување стабилност и работнички права
Вкупно 155 лекари, медицински сестри и друг персонал во Клиничката болница во Тетово, кои работат хонорарно, наскоро ќе полагаат административен тест за да добијат вработување на неопределено време.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Азир Алиу кој беше на средба со медицинскиот персонал во тетовската болница, информирајќи дека останатата административна процедура по однос на ова прашање е завршена и дека останува последниот чекор – полагање на административниот тест.
Групата медицински сестри, техничари, болничари, администрација и лекари на крајот на мај и на почеток на јуни одржаа неколку јавни протести со цел да алармираат на потреба да бидат трајно вработени во установата.
„Некои од нив работеа 10 години, некои помалку. Некои од нив работеа од месец, месец и пол, или година, година и пол без плата само да бидат дел од институцијата. Денеска после месец и пол задоволни сме дека тие веќе се дел од нашата здравствена институција во Тетово – 155 вработени. Процедурите административно ги завршивме, сега е само крајниот чекор за полагање на тој административен тест за да може да се потпишат и договорите помеѓу директорот и вработените“,
рече министерот за здравство за време на посетата на болницата во Тетово.
Вработените во тетовската болница посочија дека прашањето за нивниот работен статус по првпат се зема сериозно и се третира со одговорност. Истакнаа дека ваквиот институционален чекор претставува не само признание за нивниот труд и заложба, туку и почеток кон обезбедување стабилност и работнички права, преку премин од договори на дело во договори на неопределено време.