Од Министерството за здравство, денеска во изјава за МИА, посочиле дека немаат директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност

Министерството за здравство формира работна група која ќе го истражува случајот со извоз на мозоци за научни цели, изјави во емисијата „Риштази“ на „КохаКаст“, министерот за здравство Азир Алиу.
Формираната комисија, како што посочи Алиу, ќе има задача да ги провери сите тврдења, да ја разјасни улогата на локалните институции и да обезбеди транспарентност за јавноста.
Се очекува истрагата да даде детали за тоа дали семејствата на починатите дале согласност за употреба на органите или дали македонските институции биле свесни за таков извоз и дале дозвола.
Министерот Алиу нагласи дека Македонија не може да остане вмешана во толку голем скандал без целосна истрага и без јасни одговори за граѓаните.
Од Министерството за здравство, денеска во изјава за МИА, посочиле дека немаат директни надлежности во спроведувањето на научноистражувачката дејност.
„Од Медицинскиот факултет сме информирани дека научно-истражувачката работа што е поврзана со биолошки материјал што во себе содржи генетски карактеристики е предмет на ригорозно нормативно регулирање, како што е Закон за научно истражувачка дејност, Правилник за клинички испитување, Упатство за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали, како и начинот на пакување и обележување биолошки материјали“,
истакнале од Министерството за здравство.
Оттаму потенцираат дека во посочениот временски период, законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 година наваму, законската обврска за чување на документацијата е 25 години.
„Постапката за транспорт на ткива во тој временски период се состоела од: информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научно-истражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот. Дополнително појаснуваме дека кога се работи за извоз на биолошки материјал, пред да отпочне самата постапка, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство, кои бараат одобрени за извоз на биолошки материјал, да постои склучен формален договор – меморандум, каде се наведени и прецизирани детални протоколи согласно денешната регулатива и нормативна рамка – строго определени услови каде прецизно се третира секое постапување со биолошкиот материјал, како и зошто се спроведува истражувањето, децидно да биде наведено постапувањето со биолошкиот материјал, како што се земањето, транспортот, примањето од установата и натамошното постапување“,
се додава во соопштението на Министерството за здравство.
Во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, се најде и Македонија. Имено, станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
Текстот е со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и во него се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со Универзитетот „Колумбија“ имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во колекцијата од околу 1 000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци. Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со член на Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Во текстот стои дека мозоците од Македонија биле отстранети по смртта на одредено лице, биле веднаш замрзнати, транспортирани во САД за научни цели и правилно означени и архивирани.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврди дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Но, она што тој го потенцира е дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што рече, мозокот не може да оди на црниот пазар.
Професорот Горазд Росоклија во писмена изјава за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, рече дека проектот и ткивата користени во истражувањето биле покриени со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата.
