Покрај домашните експерти, во процесот се вклучени и тројца меѓународни експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои се очекува физички да присуствуваат на наредните состаноци

Комисијата формирана за разјаснување на сомнежите поврзани со кардиохируршките интервенции одржала три состаноци досега и ги анализирала првите осум пријавени случаи. Ова го изјави министерот за здравство Азир Алиу во интервју за Алсат М.
На првиот состанок на комисијата била договорена методологијата на работа, додека на следните два биле разгледани осум случаи за кои Министерството за здравство добило медицинска документација од повеќе здравствени установи.
Министерот Алиу нагласи дека финалниот извештај ќе биде објавен на официјалната веб-страницата на Министерството за здравство. Покрај домашните експерти, во процесот се вклучени и тројца меѓународни експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои се очекува физички да присуствуваат на наредните состаноци.
„Извештајот на домашната комисија и оној на меѓународните експерти ќе послужат како основа за креирање на нови политики во областа на кардиологијата и кардиохирургијата“,
изјави министерот.
Тој додаде дека задачата на комисијата е да ја прикаже реалноста, а надлежните институции потоа ќе постапуваат согласно законските прописи.
Интерната комисија беше формирана по наводите што неодамна ги изнесе каридиохиругот д-р Сашко Кедев, дека во приватните клиники се вршеле непотребни кардиолошки интервенции за профит.
На почетокот на овој месец Алиу информираше дека до Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи и оти медицинските досиеја се доставени од страна на јавна здравствена установа, но се воздржа да каже конкретно од која.
Тој, исто така кажа дека досега до Комисијата не се пристигнати пријави, информации или поплаки од страна на пациенти кои се сомневаат дека имало неправилности во кардиохируршките интервенции што им биле направени.