Министерот вели дека и покрај непријатниот мирис кој се чувствува во воздухот, анализите на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажале дека аерозагадувањето не е на ниво што би предизвикало здравствени проблеми кај граѓаните
Министерот за здравство Азир Алиу им препорача на скопјани да не се движат на отворен простор ако немаат потреба. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања поврзани со загадувањето на воздухот предизвикано од пожарот на скопската депонија „Дрисла“, но и на традиционалното аерозагадување присутно во зимските месеци од годината, кое е штетно по здравјето на граѓаните.

Сепак, како што рече Алиу, и покрај непријатниот мирис кој се чувствува во воздухот, анализите на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажале дека аерозагадувањето не е на ниво што би предизвикало здравствени проблеми кај граѓаните.
„Мирисот којшто се чувствува е непријатен, но ве уверувам дека воздухот во моментов не е на ниво на загаденост коешто предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак, препорачувам граѓаните да не се движат надвор ако тоа не е неопходно“,
изјави министерот за здравство одговарајќи на новинарски прашања.
И покрај тоа што скопјани, особено оние што живеат во источниот дел од градот, се жалат дека секојдневно се чувствува загадувањето на воздухот по опожарувањето на „Дрисла“ и депонијата Вардариште, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека иако визуелно изгледа оти воздухот во Скопје е загаден, испитуваните параметри на штетни честички не се алармантни.