Според Алиу, постои една група во партијата која „за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков отпор за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“. Тој информира дека на денешната седница на Владата, како што рече, надвор од сите процедури, биле разрешени двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците
Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, вечерва на прес-конференција изјавија дека нема да поднесат оставки и изразија уверување дека партијата нема да бара нивно разрешување.
Според нив, Алијанса за Албанците (AA) е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.
Според Алиу, постои една група во партијата која „за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков притисок за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“. Тој информира дека на денешната седница на Владата, како што рече, надвор од сите процедури, биле разрешени двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците.
„Третата седница на Владата на РСМ се одвиваше надвор од сите процедури што ги имаме и, за жал, Артан Груби одлучуваше која точка да помине и која да не помине. Сакаме да ве информираме дека Артан Груби, за сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ едноставно, без да ги чита ги одбиваше, а за жал техничкиот премиер на тоа аминуваше. Од вчера еден дел од групата на АА прават притисок врз директорите, сѐ со цел директорите да бидат на нивна страна. Исто така, денеска на седница на Влада имавме една од точките која беше разрешување на двајца директори од Алијанса. Едната е Бујаре Абази, директор на АД ‘Македонски пошти’ и вториот директор е Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции. И двајцата исклучителни активисти на Алијанса за Албанците и ние ова директно го цениме како фрлање масло на огнот од страна на ДУИ, но за жал договорени со двајца наши заменик-министри коишто за жал гласаа за разрешување на овие директори“,
изјави Алиу.
Бујаре Абази, инаку, е и потпретседателка на АА, која доаѓа од скопскиот огранок, а по последните инциденти во партијата застана на страна на претседателот Арбен Таравари кој реши да влезе во коалиција со опозициските партии на Албанците.
Таков тип кадровски прашања, рече тој, прво треба да се синхронизираат на ниво на коалиција и после да излезат како точки на дневен ред.
„На моето прашање како овие двајца директори се најдоа на дневен ред без да ме контактираат мене како надлежен од нашата партија, Артан Груби инсистираше дека тоа мора да биде така и тие мора да бидат разрешени“,
изјави Алиу на прес-конференцијата.
И Алиу и Меџити напоменаа дека како министри постигнале одлични резултати, работеле одговорно, чесно и транспарентно и тоа, веројатно, некому му пречи.
„Ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да нѐ фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва велиме дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии, нека пробаат“,
изјавија Алиу и Меџити на прес-конференција пред Владата.
Меџити информира и дека законите кои овие двајца министри ги предложиле денеска, со одлука на Артан Груби не поминале, а сето тоа според нив за политички реваншизам кој бил синхронизиран со дел од АА.
По низата превирања во Алијанса за Албанците, кои освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија, од Алијанса информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри кои оваа партија ги има во Владата.
Предложено е разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити. Одлуката за ваквиот предлог, како што соопштија од Алијанса, е донесена од страна на кадровската комисија на партијата со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Алијанса ќе поднесе предлог до Џафери за разрешување на Меџити и Алиу
По отворениот раздор помеѓу актуелниот и поранешниот претседател на Алијанса за Албанците во врска со настапот на партијата на претстојните избори, на површина испливаа и различните ставови на тројцата министри од редовите на Алијанса по однос на ова прашање.
Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, за кои се бара разрешување, застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари кој викендов преку објава на Фејсбук го повика Централното претседателство на Алијанса да поддржи заеднички настап на партија со опозициските партии на Албанците.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на иста линија со поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата Зијадин Села, кој смета дека партијата треба да настапи самостојно на претстојните избори.
Во актуелниот парламентарен состав на Собранието Алијанса за Албанците има осум пратеника. Еден од осумтемина, Халил Снопче, викендов ја сподели фејсбук-објавата на Таравари во која тој повика на заеднички изборен настап на Алијанса со опозиционерите од албанскиот блок. На фејсбук-профилите на преостанатите седуммина пратеници главно се забележуваат споделени објави од официјалната страница на партијата.