Опозициската партија „Алијанса за Албанците“ ја обвини власта дека е одговорна за денешното излегување од притвор на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

„Судството контролирано од режимот СДСМ-ДУИ успеа да триумфира против правдата и граѓаните. Сашо Мијалков, главниот партнер на овој режим, со одлука од Апелациониот суд конечно е пуштен на слобода. Овој ден ќе се памети како најцрниот ден на правдата во земјата. Денес, криминалот, корупцијата и режимот се соединија за да го спасат од правдата нивниот кум, додека стотици граѓани се држат безправно по затворите. Денес, министерот и заменик министерот за неправда, Бојан Маричиќ и Агим Нухиу под итно треба да ги напуштат нивните позиции и да му се придружат на нивниот пропаднат шеф, Зоран Заев. Ги уверуваме соучесниците во криминалот и челниците на овој режим дека многу брзо ќе дојде денот и ќе одговараат за секој криминал и неправда кон државата и нејзините граѓани.
велат од Алијансата за Албанците.
Ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, вечерва околу 19:10 часот излезе од затворот „Скопје“ од Шуто Оризари.
Излегувањето на Мијалков следува откако денеска Апелацискиот суд во Скопје го укина притворот кој му го определи Кривичниот совет во Основниот кривичен суд минатата среда (22 декември) за предметот „Плацови на Водно“ каде тој е еден од обвинетите.

Мијалков се наоѓаше во притвор од 26 февруари годинава односно од изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ каде неправисолно е осуден на 12 години затвор. На 13 април тој доби уште една првостепена пресуда од осум години за случајот „Трезор“. Тогаш притворот од „Таргет-Тврдина“ му беше заменет со притвор за „Трезор“. По неколку одбиени барања и жалби за укинување, минатата недела Апелацискиот суд реши да го укине притворот, прифаќајќи гаранција од 11 506 501 евро, со дополнителни мерки на претпазливост: одземање на пасоши и обврска да се јавува во судот.
За да го спречи излегувањето на слобода, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција истиот ден побара нов притвор, но во „Плацови на Водно“, кој беше одобрен од првостепениот суд. Адвокатите на Мијалков се жалеа повикувајќи се на веќе правосилното решение за укинување на притворот со гаранцијата од 11,1 милиони евра по што следуваше денешната одлука на Апелација за укинување и на овој притвор.