Од партијата оценија дека е дискриминаторски и неправедно тоа што системот „Безбеден град“ ќе се применува само во Скопје, Тетово и Куманово, наместо на целата територија на државата. Неприфатливо, според АА, е и тоа што известувањата кои граѓаните ги добиваат за сторен прекршок не се обезбедени и на албански јазик што, како што наведуваат, е директно кршење на јазичните права на Албанците
Опозициската Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари најави дека в понеделник пред Уставниот суд ќе го оспори Законот за прекршоци што денеска беше усвоен во Собранието, а со кој се отвора патот за официјален старт на системот „Безбеден град“. Велат дека проектот отвора сериозни правни, социјални и уставни прашања.

Од партијата на Таравари оценија дека е дискриминаторски и неправедно тоа што системот „Безбеден град“ ќе се применува само во Скопје, Тетово и Куманово, наместо на целата територија на државата.
„Сличен случај, кој создава јасен правен преседан, е оној со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен. Во тоа време, владата на Никола Груевски настојуваше оваа мерка да ја применува само во неколку одредени градови, претежно со македонско население, со образложение за недостаток на позитивен наталитет. Во тој дух, веруваме дека и во случајот со ‘Безбеден град’, Уставниот суд ќе се води од уставните одредби и ќе ги поништи законските измени кои се во директна спротивност со Уставот на државата“,
велат од Алијанса за Албанците.
Неприфатливо, според АА, е и тоа што известувањата кои граѓаните ги добиваат за сторен прекршок не се обезбедени и на албански јазик што, како што наведуваат, е директно кршење на јазичните права на Албанците и е непочитување на Законот за употреба на јазиците, особено бидејќи станува збор за службена комуникација.
Алијанса бара и ревидирање на висината на казните и прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но таа не може да се постигне преку непропорционални глоби кои неправедно ги оптоваруваат граѓаните и ја нарушуваат нивната економска благосостојба“,
велат од партијата и бараат надлежните да отворат јавна дебата, да ги коригираат недостатоците и да обезбедат ваквите проекти да бидат во согласност со Уставот, законите и принципот на еднаквост.
Со двотретинско мнозинство во Собранието денеска беше изгласан Законот за прекршоци со кој се овозможува официјална примена на системот „Безбеден град“ за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци кој ќе почне да функционира од 1 февруари.
