„Ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи“, се вели во партиското соопштение
Крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села на 27 декември ќе одржи партиско собрание на кое, како што соопштија вечерва оттаму, ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, како и за важни стратешки документи.
Зијадин Села, лидерот на едно од крилата на Алијанса за Албанците / Фото: „360 степени“ (Aрхива)
Одлуката за свикување на партиското собрание, како што се наведува во соопштението, била едногласно донесена на последниот состанок на претседателството на партијата, одржан на 18 ноември.
„На последниот состанок на претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание. Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи“,
се наведува во соопштението.
Од Алијанса за Албанците на Села додаваат дека партијата останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните.
Инаку, на состанокот на претседателството на партијата на 18 ноември, крилото на партијата Алијанса за Албанците под раководство на Зијадин Села одлучи да ја напушти коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а нејзините пратеници во Собранието да дејствуваат како независна група.
„По суштински и многу важни дискусии, членовите на претседателството едногласно донесоа долука за автономно делување на Алијанса за Албанците, додека во наредните денови пратениците на АА ќе ја обработуваат во Собранието одлкуката за дејствување како независна група“,
На 29 ноември собраниските служби соопштија дека пратеникот Илир Демири го известил претседателот на закодавниот дом Африм Гаши дека ќе дејствува како независен.
Демири беше избран за пратеник од шестата изборна единица како кадар на Алијансата за Албанците од крилото на Зијадин Села, партија која на парламентарните избори настапи во Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.
Во претходниот владин состав Демири ја извршуваше функцијата министер за здравство, од февруари до јуни 2024 година.