Од АА велат дека со ова се докажува дека Северна Македонија оди во поинаква насока од онаа што се градела со децении и со многу труд

Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села смета дека назначувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е во целосна спротивност со моменталната европска ориентација на земјата.
Од АА, во денешната реакција, велат дека со ова се докажува дека Северна Македонија оди во поинаква насока од онаа што се градела со децении и со многу труд.
„Уште еден антиалбанец и антиевропски настроен е награден од нелегитимната влада на ВМРО-ВРЕДИ. Петар Богојески, познат по своите повици и написи полни со омраза против Албанците и против самата Европска Унија, е назначен за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“,
се вели во писмената реакција од Алијанса за Албанците објавена на нивната фејсбук-страница.
Според нив, оваа владина одлука докажува дека „сега во Северна Македонија можете да напредувате само ако сте против Албанците или албански вазал кој голта и легитимира проекти против својата нација“.
„Денес, албанските претставници во моноетничката и нелегитимна Влада ги легитимираа слоганите ‘добар Албанец, мртов Албанец’, ‘Албанците се неизживеана стока’ и слични. Ова е срам и тежок удар за Албанците, за односите меѓу заедниците во земјата и за самиот образовен систем воопшто“,
се додава во реакцијата од АА.
За назначувањето на Богојески за директор на агенцијата што управува со парите од „Еразмус“ денеска реагираа и од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Оттаму рекоа дека оваа институција има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, „а не да ги навредува и понижува“.
Од ДУИ велат и дека давањето доверба за европските фондови за управува човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска Унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми.
Петар Богојески, лидерот на партијата Македонски концепт, коалициски партнер во власта, е назначен за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Тој доаѓа на местото на Марко Ѓоргиевски, кој како в.д. директор ја водеше оваа институција од 2020 година.