Владејачката Алијанса за Албанците му возврати на ВМРО-ДПМНЕ дека „времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија е завршено“, откако партијата на Христијан Мицкоски излезе со понуда до власта при промена на Уставот во целост да се примени хрватскиот модел во однос на Преамбулата
„Решението што го нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти“, велат од Алијанса за Албанците откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ понуди на власта при промена на Уставот за внес на Бугарите во него, во целост да се примени хрватскиот модел во однос на Преамбулата.
Посочуваат дека времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија е завршено.
„Tоа што ВМРО размислува и зборува за уставни измени е добра работа за нив како политички субјект, но и за државата. Од друга страна, решението што го нуди овој политички субјект во однос на Преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“,
велат во партијата.
Инаку, со предлогот што го изнесоа, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Македонија ќе го промени мултиетничкот карактер во унитарен и аналогно на тоа Македонија ќе е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинства кои живеат во неа.