Координаторот на пратеничката група на партиите на Села и Гаши вели дека на денешната координација предложил сите што имаат свој предлог-закон за државјанство да го поднесат и низ дискусија да се дојде до решение и за законот и за блокадата
Денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери не траела повеќе од десет минути, а причина за тоа, според координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, било тоа што владејачкото мнозинство не изразува подготвеност да се изнајде заедничко решение за излез од настаната ситуација со блокирањето на Собранието.
„Јас лично им предложив на двајцата координатори од мнозинството да се деблокира Собранието со тоа што ќе изнајдеме решение за предлог-законот за државјанство. Мојот предлог беше и ќе го кажам сега јасно: бидејќи во медиумите сите претставници од власта и од мнозинството велеа дека имаат предлог-закон за државјанство и ќе ја поднесат нивната верзија, јас предложив да ја донесат таа верзија, па заеднички да седнеме да ги дискутираме двете верзии, да излеземе со еден предлог-закон кој ќе биде во служба на тие граѓани коишто имаат потреба од државјанство“,
изјави Реџепи и додаде дека не е битно кој ќе го поднесе до Собранието, туку да се испрати порака дека се слуша гласот на опозицијата и дека се работи во служба на граѓаните.
Координаторот на оваа пратеничка група побара од власта, како што рече, „да прекине со делење емоции за дневно-политичка потреба околу тоа колку биле битни овие закони за граѓаните“.
„Вистина е дека за граѓаните е многу битна помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае многу добро дека има категорија граѓани што воопшто не користат никаква помош. Ние како албанска опозиција ја прифаќаме таа одговорност дека ќе ги блокираме сите тие закони сѐ додека не излезе законот за државјанство. Сме контактирале со многу луѓе кои се од бизнис-фелата, целосно ни даваат поддршка иако се во тешка економска и социјална состојба. Тие велат кратко, може да истраат уште еден месец без плати, но затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои воопшто немаат државјанство, да им се овозможи конкретна помош“,
рече Реџепи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска одржа прес-конференција на која соопшти дека по денешната координација донел одлука да се одложи утрешната седница на чиј дневен ред се 30 точки, поради условувања од опозицијата за кворум, кој владејачкото мнозинство не може да го обезбеди бидејќи двајца од нивните пратеници се во изолација.
Џафери тука ја спомена и праксата на поднесување стотици амандмани за блокирање на носење некои закони, при што ги посочи Алијанса и Алтернатива од една и ВМРО-ДПМНЕ и Левица од друга страна.