Претходно, Димитриевски доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот и претседател на Општинската организација на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски, пак, денеска повика во недела кумановци да го поддржат нивниот кандидат, Оливер Илиевски. За Димитриевски, тој рече дека лажно се претставува како социјалдемократ и го нарече кукавичко јајце подметнато од ВМРО-ДПМНЕ
Во Изборниот штаб на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ денеска беше склучена коалиција за вториот круг од локалните избори со коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, соопштија од штабот на независниот кандидат Максим Димитриевски.
Во изјавата за медиумите Димитриевски рече дека ова е почеток на плодна политичка соработка и се заблагодари на поддршката од Беким Салиу, кој беше кандидат на овие две партии во првиот круг од изборите.

„Сето она што беше изнесено од страна на нашите претставници на шефовите на штабови, во иднина ќе направиме се за да го испочитуваме и одржиме. Се работи за еден политички субјект и концепт којшто сака во иднина да делува исклучиво од граѓаните и за граѓаните. Ние ќе се водиме по принципот на унапредување на можностите и правата на сите граѓани. Куманово има простор за работа на сите полиња. Повеќе од јасно е дека на Куманово му недостасуваат многу проекти. Во идниот период, во нашето делување ќе се обидеме да решиме што поголем проблем на сите наши граѓани, а притоа не правејќи никаква разлика по етничка, верска или каква било друга припадност“,
рече Димитриевски.
Претходно, Димитриевски ја доби поддршката и од ВМРО-ДПМНЕ која на последната седница на Извршниот комитет одлучи во вториот круг од локалните избори, онаму каде што нема свој кандидат, ќе ги поддржи оние кандидати кои се борат против власта.
Пратеникот и претседател на Општинската организација на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски, пак, денеска повика во недела кумановци да го поддржат нивниот кандидат, Оливер Илиевски. За Димитриевски, тој рече дека лажно се претставува како социјалдемократ и го нарече кукавичко јајце подметнато од ВМРО-ДПМНЕ.

„Максим Димитриевски кој лажно се претставува како социјалдемократ е инсталација, кукавичко јајце подметнато од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која 30 години сонува да победи во Куманово. И самиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за првиот круг јавно кажа дека од партијата не добил никаква поддршка дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ го поддржувале Максим Димитриевски. За вториот круг Димитриевски доби и јавна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ на која срдечно се заблагодари и истата ја потврди. Низ Куманово со денови се зборува дека Димитриевски веќе го поделил и колачот со ВМРО-ДПМНЕ ветувајќи им вработувања, директорски места и раководни позиции во општината во училиштата во јавните претпријатија, ако тој победи“,
рече Костовски на прес-конференција.