Според лидерот на ДУИ, кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува и сите сме еднакви граѓани, додека од друга страна кога не се почитува се враќаме на други системи и времиња кои „колективно сме ги напуштиле“
„Зошто овие заедници треба да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако, без разлика на волјата на нашите заедници, најголемата македонска партија одлучува за нив, според своите преференции и претпочитања“, праша Ахмети
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска од Мала Речица порача дека заедно со останатите лидери од коалицијата „Европски фронт“ започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.

Прес-конференцијата на лидерот на ДУИ доаѓа по вчерашната конститутивна седница на Собранието, која беше првиот настан на кој се исцртаа контурите на новото владејачко мнозинство кое ќе го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ.
На седницата за нов претседател на Собранието беше избран Африм Гаши од „Вреди“, а за време на дискусијата и на чинот на гласањето пратениците на ДУИ не беа присутни во пленарната сала на законодавниот дом.
Овој развој на настаните значи дека ДУИ се сели во опозициските клупи во законодавниот дом.
Сепак, според лидерот на ДУИ, со ова се нарушува легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние кои го имаат легитимитетот на заедниците.
„Ние, лидерите на ’Европскиот фронт’, сметаме дека нашиот сојуз е одраз на духот на Охридскиот договор и претставува обединување за унапредување на еднаквоста меѓу заедниците и социјалната кохезија. Нашата иницијатива за ’Европскиот фронт’ е поздравена и поддржана од граѓаните на земјата“,
рече Ахмети на почетокот на неговото обраќање на прес-конференцијата од седиштето на партијата во Мала Речица.
Тој се осврна и на резултатите од претседателските и парламентарните избори, посочувајќи дека победник на нив е „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, но оти изборните резултати биле нарушени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг пред очите на целата јавност – домашна, регионална и меѓународна.
„Како победничка коалиција на претседателските избори излезе ’Европски фронт’ со разлика од 40 000 гласови, додека на парламентарните со над 31 000 гласови. ’Европскиот фронт’ доби 19 пратеници, а опозицијата 13 пратеници. ’Европскиот фронт’ излезе како победник во 20 општини во кои живеат и гласаат Албанците и другите заедници, додека опозицијата во осум. ’Европскиот фронт’ стана втора сила во земјата, што се случува за прв пат во историјата на земјата. Овие резултати беа нарушени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг во очите на целата јавност, домашна, регионална и меѓународна“,
рече Ахмети.
Тој се наврати и на декларацијата која, како што тврди, во декември лани и во јануари годинава ја потпишале „Европскиот фронт“ и опозициските партии на Албанците, а со која се обврзале да не влегуваат во владино партнерство без поддршка на уставните измени од другата страна и гаранција за продолжувањето на европскиот пат на државата.
„И покрај сите аргументи и резултати, дури и со пратеници, дури и со апсолутни бројки на гласови, дури и со победи во две третини од општините, поразените на изборите, без легитимитет на суверениот, потклекнаа целосно игнорирајќи ја волјата на народот, Охридскиот договор, легитимитетот и без никаква почит кон оние кои ги донесоа сите овие квалитативни промени во нашата држава. Во овој контекст, граѓаните не прашуваат, кое е значењето на демократијата кај нас ако мнозинската заедница определува кој ги претставува Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници? Зошто овие заедници треба да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако, без разлика на волјата на нашите заедници, најголемата македонска партија одлучува за нив според нивните преференции и претпочитања“,
кажа лидерот на ДУИ.
Овој начин на размислување, рече Ахмети, кое е вазално дејствување, не враќа во времето пред две децении кога заедниците беа дискриминирани и третирани како граѓани од втор ред и не се почитуваше волјата на демократскиот глас на заедниците, туку други одлучуваа наместо нас.

„Драги пријатели, легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние кои го имаат легитимитетот на заедниците“,
рече Ахмети.
Говорејќи во тој контекст, тој посочи дека кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува и сите сме еднакви граѓани, додека, од друга страна, кога не се почитува, се враќаме на други системи и времиња кои „колективно сме ги напуштиле“.
„Затоа, непочитувањето на легитимитетот е понижување за Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите. Ова понижување, за жал, го овозможуваат некои кои потпишаа заедничка изјава со нас, кои неколку пати јавно изјавија дека доколку загубат со еден глас и еден пратеник помалку, ќе се повлечат, но од ситни лични амбиции или други непознати причини пред пошироката јавност и со голема омраза кон нас, потклекнаа и овозможуваат воспоставување на етничка хегемонија“,
рече Ахмети.
Без да биде прецизен, лидерот на ДУИ кажа дека го започнуваат овој пат за да не дозволат мајоризација којашто го оптоварува соживотот и демократијата и ги повика граѓаните да се придружат, во, како што додаде, нивните напори да го заштитат гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор, но и на Договорите од Преспа и за добрососедството за европска иднина.
„Вашиот глас не смее да биде небитен и ние сме тука заедно да ја предводиме вашата победа и да ја спроведеме вашата победничка волја. Ценевме дека овие прашања се надминати и се развивме како општество со взаемно почитување на волјата на едни со други за доброто на заедничкото општество. Но, очигледно е задача на нашата генерација, заедно да не дозволиме поништување на достигнувањата и да спречиме повторување на непочитување на политичката волја и легитимитет на суверенот“,
заклучи лидерот на ДУИ на крајот од неговото обраќање.