Доскорешниот разузнавач вели дека го повикале во станица затоа што пред 42 дена стоел кај Порта Македонија и разговарал на телефон кога таму поминувал висок функционер, за кој „Фокус“ наведува дека е Талат Џафери
Доскорешниот разузнавач, кој беше и дел од кабинетот на експретседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, во изјава за „Фокус“, вели дека денеска бил на разговор во полициска станица за настан што се случил пред 42 дена.
„Од што се неспособни и не ја познаваат полициската работа не можат ни конструкција да направат. За конкретното повикување во полициска станица да дадам појаснување, нема заведен настан, а најмалку пријава против мене, нема ни констатирани елементи за прекршок, ниту пак ми е изречено усмено или писмено предупредување. Ме повикуваат во полициска станица зашто заедно со неколку другари, од кои еден е полициски инспектор, пред 42 дена сум бил застанат на пешачки остров кај Порта Македонија и сум разговарал на телефон во време кога поминувал висок функционер. Тешко на граѓаните на Македонија со вакви полициски старешини кои врз основа на фикција повикуваат граѓани во полициски станици. Воедно, за непрофесионализмот на полициските службеници кои, без да преземаат полициско овластување против мене и лицата кои беа со мене, си дозволиле само мене да ме вградат во полициска белешка како и очајниот обид за моја дискредитација е известена Внатрешната контрола во МВР“,
вели Алексовски.
Како штп пренесува „Фокус“, повикувајќи се на информации од МВР, настанот се случил на 27 март, односно пред повеќе од месец и половина, а високиот функционер е претседателот на Собранието Талат Џафери.
