Секој од чинителите на изборите има своја одговорност и доколку не се почитуваат мерките за заштита на здравјето и протоколите, ќе настане хаос, предупредува Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ, која 20- тина години ги следи изборните процеси во земјата.

Алексов во интервју за МИА вели дека поради тоа, примарната одговорност е кај политичарите да ги почитуваат стандардите и протоколите за заштита кои се пропишани од институциите кога станува збор за кампањата – два метри растојание, носење маска, не смеат да се прават големи настани.
„За неколку дена почнува изборната кампања. Тоа значи дека во неа ќе бидат вклучени политичари, граѓани, а ќе бидат вклучени и набљудувачи и медиуми. Од тој апсект има неколку клучни работи што секој учесник мора да ги има предвид. Политичарите како оние кои ги поставуваат вредностите и стандардите во општеството треба агресивно да ги промовираат мерките, а политичките партии и организаторите на настаните стриктно да ги следат препораките и процедурите кои се наложени. Секој од чинителите има своја одговорност и доколку дојде да не се почитуваат таквите протоколи ќе настане хаос и што е исто така важно во целиот овој процес политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме“,
вели Алексов.
МОСТ за изборите ќе ангажира околу илјада набљудувачи, од кои 700 ќе бидат на терен. Претходно тие ќе бидат обучени за набљудување на изборите и согласно упатствата што се очекува да ги донесе Државната изборна комисија откако здравствените власти до неа ќе ги достават Протоколите за заштита на здравјето на граѓаните на изборите, вклучувајќи ја и кампањата.
