Според информации на дел од медиумите, Даштевски е изборот на ВМРО-ДПМНЕ за челното место во изборната администрација, откако Собранието распиша оглас за нов состав на ДИК
Нови предлози за новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК), поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, се професорот Александар Даштевски, за претседател, и Бобан Стојановски, дипломиран правник вработен во Собранието на Република Македонија, за член, објави Алфа ТВ повикувајќи се на извори во партијата.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК истекува на крајот на овој месец. Собранието неодамна распиша оглас за избор на нов состав на Комисијата.
ВМРО-ДПМНЕ, како водечка партија во опозиција, ќе добие две места од кои едното претседателско . Како втора опозициска партија во парламентот, едно место во ДИК би добила и Алијанса за Албанците.
Партиите на власт, пак, предлагаат потпретседател (кој би бил од редовите на ДУИ) и тројца членови (СДСМ)
Доколку Даштевски биде избран, ова нема да биде негово прво искуство во ДИК. Тој беше избран за член на Комисијата и пред парламентарните избори во 2006 година, тогаш како кадар на ВМРО-НП.
Неговата професионална биографија открива дека од 1989 до 1998 бил адвокат, а во декември 1998 станал советник во тогашната влада ( на Љубчо Георгиевски), но на таа позиција се задржал околу три месеци, па во март 1999 станал советник во Царинската управа, а по недела година станал и помошник директор во оваа институција, каде се задржал до септември 2003.
Тој бил и претседател на Комисијата за предпристапување во ЕУ, член на делегацијата за пристапување во Светската трговска организација и други функции, од кои последната му беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација во последниот состав на ова тело, избран пред заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт. Тогаш тој стана и директор на Универзитетот „Евро Балкан“ – Скопје.
Од неговата партиска кариера, пак, познато е дека бил во Обединети за Македонија – партијата на Љубе Бошковски, како и во Демократската десница на Филип Петровски, на чија листа беше и кандидат за пратеник на изборите во 2011 година. Но Демократска десница тогаш не освои мандати во парламентот, а нешто подоцна Даштевски и Петровски се вратија во матичната ВМРО-ДПМНЕ, уште кога на чело на партијата беше Никола Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот состав на ДИК, кој е на заминување, исто така, имаше претседател – Оливер Деркоски, додека членка на Комисијата од најголемата опозициска партија е Елизабета Постоловска.