Според Уставот на Косово, доколку претседателот на државата не биде избран на време или позицијата остане испразнета, претседателот на парламентот се назначува за вршител на должноста претседател за период не подолг од шест месеци, сè додека не се избере нов претседател
Претседателката на парламентот на Косово, Албулена Хаџиу, денеска официјално ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на земјата, бидејќи мандатот на актуелната претседателка, Вјоса Османи, истекува на полноќ, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Османи ѝ ја предаде функцијата на Хаџиу денеска попладне на церемонија во нејзината канцеларија во Приштина.
Османи изјави дека е среќна што ја остава функцијата во рацете на жена и дека се надева дека следниот претседател на земјата исто така ќе биде жена.
„Да се биде шеф на државата и во исто време да се води надворешната политика на земјата, армијата на државата и да се претставува единството на народот се исклучителни одговорности“,
рече Османи.
Хаџиу ѝ се заблагодари на Османа за нејзината работа за време на нејзиниот петгодишен мандат и рече дека се надева дека парламентот ќе избере нов претседател што е можно поскоро.
„Ја разбирам одговорноста и уставните обврски и ветувам дека ќе дејствувам во согласност со Уставот и важечките закони“,
рече Хаџиу по преземањето на функцијата.
Таа ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на земјата откако косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во предвидениот рок, а Османи немаше поддршка од пратениците за втор мандат.
Според Уставот на Косово, доколку претседателот на државата не биде избран на време или позицијата остане испразнета, претседателот на парламентот се назначува за вршител на должноста претседател за период не подолг од шест месеци, сè додека не се избере нов претседател.
Минатата недела, Уставниот суд им даде рок на пратениците до 28 април да изберат нов претседател. Доколку тоа не го сторат во уставниот рок, Косово ќе одржи предвремени парламентарни избори, кои мора да се одржат во рок од 45 дена.
Иако уставниот рок почна да тече минатата недела, парламентарните партии не презедоа никакви чекори кон постигнување договор за име кое би ја имало потребната поддршка за да биде нов претседател на земјата.
Кандидатите што владејачката партија на премиерот Албин Курти, Движењето Самоопределување, ги предложи претходно не ја добија потребната поддршка.
Претседателот на Косово се избира со двотретинско мнозинство гласови во првите два круга или со 61 глас во третиот круг, но за да се одржи седницата е потребно присуство на 80 пратеници.
Курти во петокот изјави дека е во контакт со двајцата лидери на главните опозициски партии по прашањето за претседателството и најави средби со нив следната недела.
„Во комуникација сум и контактирам со претседателите на Демократската партија на Косово (ДПК) и Демократскиот сојуз на Косово (ДСК). Средбите ќе се одржат следната недела“,
изјави Курти за РТВ 21.
Курти одржа одделни средби со претседателот на ДПК, Бедри Хамза, и претседателот на ДСК, Лумир Абдиџику, пред прашањето за претседателските избори да биде упатено до највисокиот суд во земјата, но партиите не успеаја да постигнат договор.
Мандатот на Вјоса Османи
Вјоса Османи беше избрана за претседател во април 2021 година, по убедливата победа на партијата на Курти на изборите таа година, а на кои учествуваше на заедничка листа со партијата на Османи.
Таа беше шестиот претседател на Косово.
Неколку месеци пред крајот на нејзиниот петгодишен мандат, Османи во декември за Радио Слободна Европа изјави дека сака втор мандат.
Сепак, разидувањето со Курти ѝ оневозможи реизбор.

Во декември, Движењето Самоопределувањето на Курти оствари уште поголема победа отколку во 2021 година, освојувајќи 51 процент од гласовите, односно 57 места во парламентот.
Сепак тој изјави дека Османи нема да ги добие потребните 80 гласови доколку биде ставена на гласање во парламентот како главен кандидат на неговата партија.
Опозициските партии не ја поддржаа Османи, обвинувајќи ја дека не била обединувачка фигура за време на нејзиниот мандат и дека застанала на страната на Курти. Подоцна, Самоопределување објави дека ѝ понудило потписи за кандидатура, откако го претстави Глаук Коњуфца, министерот за надворешни работи, како свој претседателски кандидат.
Нејзиниот тим првично го негираше тоа, но подоцна изјави дека Самоопределување не ѝ ветил и гласови.
Османи јасно стави до знаење дека нема да се откаже од политиката и покрај нејзиниот неуспех да биде реизбрана за претседател.
Со оглед на тоа што постојат големи шанси Косово повторно да оди на избори, се очекува таа да учествува на нив.
Османи веројатно ќе биде запаметена по признанијата што ѝ ги донесе на земјата во 2025 година.
Четири земји ја признаа независноста на Косово во текот на таа година – Бахами, Судан, Кенија и Сирија.
Овие признавања следеа по забавувањето на темпото на признавање на Косово во последните години. Пред нив, последната земја што го призна Косово беше Израел во 2021 година.
