Сакам да го пренесам обновениот интерес на Шпанија и нашата поддршка во вашиот процес на пристапување кон Европската Унија, што ќе биде многу присутен од јули оваа година. Отворањето на преговорите во јули минатата година е еден голем чекор. Шпанија ја поддржува евроатлантската перспектива на Западен Балкан, како политика на ЕУ за прогресивна интеграција, рече шефот на шпанската дипломатија Хосе Мануел Албарез Буено

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаа средби со шефот на шпанската дипломатија Хосе Мануел Албарез Буено на кои добиле уверување дека Северна Македонија може да смета на поддршката од Шпанија за забрзување на преговорите со ЕУ.
На средбата со неговите домаќини, шефот на шпанската дипломатија рекол дека Шпанија ја поддржува евроатлантската перспектива на Западен Балкан, како политика на ЕУ за прогресивна интеграција
„Сакам да го пренесам обновениот интерес на Шпанија и нашата поддршка во вашиот процес на пристапување кон Европската Унија, што ќе биде многу присутен од јули оваа година. Отворањето на преговорите во јули минатата година е еден голем чекор. Шпанија ја поддржува евроатлантската перспектива на Западен Балкан, како политика на ЕУ за прогресивна интеграција“,
изјави шефот на шпанската дипломатија Хосе Мануел Албарез Буено, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според него, претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу двете претседавања и дека ќе може да се работи заеднички за аспекти што се многу важни во овие толку сложени времиња за Европа.
Тој додаде дека односите меѓу Шпанија и Северна Македонија се зајакнуваат и стануваат уште поблиски, а напредува и економската соработка.
„Ова е земја која е многу привлечна за шпанските претпријатија. Најдобар пример за тоа е компанијата „Идом“ во третирањето на водите во Охридското Езеро и сигурен сум дека овој пример ќе повлече и многу други претпријатија и ќе овозможи да се зголемува нашата размена на економски план“,
додаде Албарез, кој е во еднодневна официјална посета на земјава.
Македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи искажа задоволство што оваа средба доаѓа во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашиот европски пат.
Османи, заблагодарувајќи се за константната поддршка од официјален Мадрид во нашиот евроинтегративен процес, потенцира дека Северна Македонија останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина.
„Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и нашето европско досие. Да потсетам дека Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Европската Унија од Шведска, клучен период за нас, кога според планот завршува скрининг-процесот, и земјава треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја“,
нагласи Османи.
За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Шпанија, за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Европската Унија.
На средбата станало збор и за соработката во рамки на ОБСЕ во духот на актуелниот геополитички контекст. Османи го информира соговорникот дека веќе е воспоставена блиска комуникација и соработка со Високиот претставник на ЕУ и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, и изрази подготвеност за синергија и синхронизирано дејствување на двете претседавања – на ОБСЕ и на Советот на ЕУ до крајот на 2023 година.
Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, денеска се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на која, како што информираат од СЕП, потврдил дека Северна Македонија може да смета на поддршката за забрзување на преговорите со ЕУ и дека не е случајна неговата посета на регионот, во пресрет на шпанското претседателство со Унијата.

Маричиќ го информирал шпанскиот министер за текот на скрининг-процесот, а во таа насока Албарез посочил дека Северна Македонија има напредок и дека го засилува европското темпо за повеќе фондови и брзи реформи, но дека уставните измени остануваат клучни за брзата интеграција на државата во ЕУ.
Соговорниците изразиле верување дека скринингот ќе помине во најдобар ред и во планираниот временски рок, за да може за време на нивното претседателство со ЕУ заедно да работиме на следната фаза на преговорите со Унијата и отворањето на Кластерите.
„Одличните билатерални односи и соработка која ја имаме во реализација на реформите, во многу области преку ИПА-програмата, од денеска ја продлабочуваме и во процесот на пристапните преговори со ЕУ, што ја потврдува поддршката и искреното пријателство помеѓу двете држави“,
истакнал Маричиќ.