Основната причина за поднесувањето на интерпелацијата за републичкиот обвинител Љубомир Јовески, велат пратениците од Алтернатива, Беса и Демократско движење, е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство, што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница во Тетово
Група пратеници од албанскиот опозициски блок во Собранието поднесоа интерпелација за работата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески поради судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.
Подносители на интерпелацијата се пратеници од Алтернатива, Беса и партијата Демократско движење.
Основната причина за поднесувањето на интерпелацијата за Јовески, велат пратениците, е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство, што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница.
„Сметаме дека улогата на јавниот обвинител Љубомир Јовески во овој случај стана предмет на сомнеж и затоа е потребна одговорност и јавно објаснување. Оваа интерпелација има за цел во јавна собраниска расправа да ги покрене сериозните сомнежи дека Јавното обвинителство криело факти и информации во текот на целата постапка за да заштити на тој начин некои политичари и членови на бизнис-елитите, кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија“,
велат пратениците од Алтернатива, Беса и Демократско движење кои се подносители на интерпелацијата.
Албанската опозиција бара Јовески да се појави пред пратениците и пред јавноста и да ја објасни зошто не побарал одговорност од претпријатието кое е одговорно за изградбата на модуларната болница, од изведувачот на јавната набавка, но и да образложи зошто не бил земен предвид извештајот на германската форензика и зошто од предметот бил изземен обвинителот кој првично беше одреден.
ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за интерпелацијата
По однос на предлогот за интерпелација на републичкиот јавен обвинител денеска се произнесе и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Прашан дали пратениците на опозициската партија ќе ја поддржат интерпелацијата, Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ може да поддржи секаква интерпелација и оти ќе поддржи сè што е во насока на побрзо заминување на актуелната Влада.
„Јовески кој? Го познаваме ние тој човек? Не сум го видел, ниту слушнал тој човек повеќе од четири години и колку што имам информации, неговиот мандат за неколку месеци треба да заврши. Дали ќе поддржиме интерпелација? Се разбира дека сè што е во насока на побрзо заминување на оваа влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи. ВМРО-ДПМНЕ може да поддржи секаква интерпелација, вклучително и распишување на предвремени парламентарни избори. Колку побргу замине оваа влада на ДУИ и СДСМ, толку побргу на Македонија ќе ѝ појде“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи предложената интерпелација за Јовески.
Согласно Деловникот на Собранието, интерпелација за работата на носител на јавна функција, Владата и нејзините членови, како и за прашања од работата на државните органи, може да поднесат најмалку пет пратеника. Образложената интерпелација, потпишана од секој пратеник поединечно, во писмена форма се поднесува со претседателот на Собранието, а тој веднаш ја доставува до оној на кого му е упатена и до пратениците.
Најдоцна 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата, субјектот на кого му е поставена, има право да достави писмен одговор до претседателот на Собранието. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.
Ако субјектот на кого му е поднесена интерпелацијата не го поднесе одговорот во предвидениот рок, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.