Доколку новиот спикер на Собранието, Јован Митрески, продолжи да го блокира овој процес исто како Талат Џафери, тогаш ќе се докажат две работи – дека ДУИ и СДСМ заедно се обидуваат да ја осакатат ДИК и да ги фалсификуваат изборите, реагираат здружената опозициски партии на Албанците

Ако не се избере седмиот член на Државната изборна комисија (ДИК), ќе следуваат блокади на улици, најавува Европскиот сојуз за промени.
„Се разгледува можноста за блокирање на Собрание, блокирање на улици пред Собрание и Влада. Организирање на секаков вид на искажување на револтот, со цел ДИК да биде комплетирана и сите граѓани во Македонија да имаат можност да гласаат за политичката опција во која веруваат“,
кажа лидерот на БЕСА, Билал Касами.
И пратеникот Фадил Зендели денеска побара од новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, итно да ѝ наложи на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да одржи седница и за член на ДИК пред Собранието да го предложи кандидатот на албанската опозиција. Доколку не го направи тоа, Зендели смета дека Митрески ќе докаже оти коалицијата СДСМ-ДУИ ќе ги фалсификува изборите.
Абдуш Демири е кандидатот на опозицискиот блок за член на ДИК.
„Бидејќи главниот блокатор за изборот на опозицискиот член во ДИК, Талат Џафери, повеќе не е претседател на Собранието, сакаме да ѝ дадеме уште една можност на власта да докаже дека е проевропска како што сака да се продавa, а не проруска, како што глумат. Бараме од новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, кој при преземањето на функцијата вчера изјави дека ќе работи во интерес на сите граѓани, итно да ѝ наложи на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, да одржи седница и за член на ДИК – пред Собрание да го предложи кандидатот на албанската опозиција, г. Абдуш Демири“,
рече Зендели.
По именувањето на Кренар Лога од Алијанса за Албанците за министер за правда, се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.